Чавушоглу: Турција нема да ја спречува илегалната миграција кон ЕУ ако до Октомври немаме безвизен режим

Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, во интервју за „Катимерини“ ја предупредува Европската унија дека ако на турските граѓани најдоцна до октомври не им се дозволи без визи да патуваат во Европа, тогаш Анкара нема да продолжи со спроведување на договорот од март за запирање на приливот на мигранти во Европа.

„И покрај фактот што илегалната миграција преку Егејското Море сега е под контрола, ние не гледаме дека ЕУ е заинтересирана за исполнување на своите ветувања“, изјави Чавушоглу, инсистирајќи на тоа дека Турција не може да продолжи да ја спречува илегалната миграција кон ЕУ, ако другата страна не ги исполни своите обврски.

„Очекуваме визна либерализација за турските граѓани најдоцна во октомври 2016 година“, истакна министерот кој вчера беше во неофицијална посета на Крит и се сретна со неговиот грчки колега Никос Коѕиас со кого нагласија дека има голем потенцијал за понатамошно развивање на грчко-турските односи.

Визната либерализација е еден од условите кои Турција ги постави за да се склучи договорот со ЕУ, кој беше критикуван од страна на групите за човекови права, за да се спречи приливот на мигранти во Европа, чија бројка минатата одина достигна повеќе од еден милион.

ЕУ го пропушти рокот на крајот од јуни за воведување безвизен режим за Турците, нагласувајќи дека не се исполнети сите 72 предуслови кои ги постави Брисел за визна либерализација. ЕУ, исто така, побара Анкара да го преразгледа својот закон против тероризам. Анкара одби со образложение дека тој е од клучно значење во борбата против Исламската држава и курдските милитанти.

И покрај тензиите со ЕУ, Чавушоглу ги повтори амбициите на Турција да стане полноправна членка на Европската унија.

„Ние ќе продолжиме да се придржуваме до нашите обврски кон ЕУ, со цел полноправно членство“, рече тој и ги отфрли тврдењата дека Анкара му го врти грбот на западот со нејзиното неодамнешно нормализирање на односите со Русија.

„Односите меѓу Турција и Русија не се алтернатива за партнерство и сојузништво со Западот“, нагласи шефот на турската дипломатија.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e