ВМРО-ДПМНЕ со „вето“ на патот на Македонија во ЕУ

„Или гаранции од Брисел и Софија или нема влез на Бугарите во Устав“, е условот што ВМРО-ДПМНЕ го поставува пред меѓународната заедница и пред македонската Влада и со тоа де факто и крева вето „од внатре“ на македонската европската перспектива. Затоа што таков ултиматум да исполни или такви гаранции да даде, не може никој и да сака да го направи тоа.

Нам сега веќе не ни треба Бугарија за да ни ја попречува европската интеграција, таа улога си ја преземаа ВМРО-ДПМНЕ и Левица.

Овој десничарско-левичарски конгломерат ќе му ја „скрои“ судбината на македонскиот народ и ќе го заклучи вечно во предворјето на Европа. Со тоа дефинитивно ќе се реализираат заложбите на Џамбаски, Каракачанов и во поново време на една друга бугарска парламентарна партија „Преродба“, која отворено, на уште неоформена Влада, јавно и гласно се залага за враќање на ветото кон Македонија.

Ако ВМРО-ДПМНЕ опстои докрај на овие позиции, на тој начин, историски гледано во континуитет, ќе се реализираат политиките на Ванчо Михајлов, лидерот на ВМРО во дваесеттите години од 20 век, чиј наследник е Христијан Мицковски и сегашната ВМРО-ДПМНЕ, кој ја негирал македонската национална посебност и македонскиот јазик како негов елементарен атрибут, а Македонците ги сметал за говеда, затоа што некои од нив не прифаќале да се признаат како Бугари.

Тоа е истата политика што сега ја пропагираат бугарските политички субјекти и мнозинството во бугарското општество.

Па што со тоа има денешново ВМРО-ДПМНЕ и каква улога игра нашата опозиција со целиот овој отпор што го дава на отпочнување на втората фаза од преговорите со ЕУ?!

Навистина ли верува дека на овој начин ќе успее да искамчи реципроцитет, па бугарската држава да ги вметне Македонците во нивниот Устав?

Зошто би го направиле тоа, Бугарите? А ако не, што ќе направи ВМРО-ДПМНЕ?

Ќе и „опне“ вето на Македонија, па нека видат тоа „бугариштана“ како ќе ги „заебеме“! Нека патат!!!

Значи тотално збунувачко поведение на најголемата, „најмакедонска“ партија, која на овој начин работи во корист на штета на Македонците.

Несфатливо, но дури и партиите на Албанците се во овој случај поголеми патриоти од ВМРО-ДПМНЕ и од Левица, вклучувајќи ги оние како Алијанса за Албанците и Беса, кои се дел од опозицискиот блок, на кои ВМРО-ДПМНЕ смета како на партнери во борбата за власт. Тие сите заедно и даваат поддршка на власта заради европската иднина на земјата, занемарувајќи ги дури и нивните тесно партиски интереси.

Но она што исто така зачудува, е што власта досега не покажа методологија како ќе ги обезбеди двете третини од пратениците во Парламентот, обврска што свесно ја презела кога влегла во игра со ваква опозиција.

Засега премиерот Ковачевски, Маричиќ и Османи „се отепаа“ од убедување на јавноста дека нема ништо лошо во тоа Бугарите да бидат дел од Преамбулата во Уставот и дека со тоа не само што ништо не губиме, туку на тој начин се покажува различноста на Македонскиот народ и на Бугарите како етничка заедница.

Сето тоа е во ред, но нема ние, граѓаните, да гласаме во Парламентот. Или можеби си мислат дека што почесто го повторуваат тоа, на вмровските пратеници ќе им здодее па ќе се премислат, ќе ги скинат нотарските договори и ќе го испратат „даскалот“ Мицковски во политичка пензија.

Сè ми се чини дека тука доаѓа онаа „мало морген“ забелешка.

Двотретинско мнозинство се обезбедува само на два начина: ВМРО-вските пратеници или ќе изгласаат измени на Уставот на „Голема врата“, со цел капацитет, или тоа ќе го направат на малата врата со „помош на пријател“.

А власта нема потреба да се срами за да ги примени сите демократски методи, итроштини и лукавства, да обезбеди доволно пратеници за да ја продолжат европската приказна за Македонија.

Време е да видиме (наслушнеме) нешто конкретно од власта, а не само папагалско повторување за добробитот од промена на Уставот заради Бугарите, зашто времето си поминува.

Пишува: ЉУБИША НИКОЛОВСКИ

Извор: фронтлајн.мк

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e