Утре гласање за доверба на владата, ИФИМЕС пишува за операција „Коњички скок“ за враќање на Груевски на власт

Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии (ИФИМЕС) од Љубљана подготви опсежна анализа за актуелната политичка ситуација во Северна Македонија, во која се наведува дека пред очите на македонската и меѓународната јавност се одвива завршната фаза од тајната разузнавачка операција „Коњички скок“ со крајна цел за враќање на Никола Груевски во земјава и соборување на актуелната власт.

„Меѓународниот институт ИФИМЕС ја предупреди јавноста дека Зоран Заев (СДСМ) и неговата влада ќе бидат соборени по локалните избори, а тоа сценарио во моментов е во завршна фаза на реализација. Процесот започна јавно со објавување на „нон-пејперс“ кои му се припишуваат на словенечкиот премиер Јанез Јанша (СДС). Во Северна Македонија и Босна и Херцеговина се одвиваат два паралелни дестабилизациски процеси, и двата координирани од Будимпешта. Оправдано е прашањето за улогата на Словенија како претседавач со ЕУ и нејзиниот премиер Јанез Јанша во овие процеси“, пишува ИФИМЕС во анализата.

Во анализата се додава дека аналитичарите сметаат оти безбедносно-разузнавачката операција „Коњички скок“ досега е успешно спроведена и реализирана, со проекции дека наскоро ќе падне владата на Зоран Заев, ќе запре демократизацијата на Северна Македонија и ќе започне политички процеси со поништување на Договорот за добрососедство со Бугарија, Договорот од Преспа, Охридскиот договор, но и ја доведуваат во прашање веродостојноста на членството на Македонија во НАТО.

За ИФИМЕС изненадувачки е фактот што некои Албанци се во функција на остварување на руските интереси и додаваат дека задкулисните настани на македонската политичка сцена покажуваат дека дел од Албанците сè уште тесно соработуваат со ВМРО-ДПМНЕ и со Никола Груевски.

„Соработката на македонските Албанци со Русите не е запишана во современата историја на Албанците, кои своите стратешки односи ги градеа пред сè со САД. Настаните во Северна Македонија се особено опасни, бидејќи во исто време се синхронизирани со настаните во Босна и Херцеговина како најава за нова дестабилизација на регионот, не исклучувајќи ги вооружените конфликти. Дефинитивно, некои Албанци ќе застанат на страната на Русија со своите погрешни политички потези и ќе ја предадат Република Северна Македонија на Русија, со што ќе ја изневерат довербата на албанските гласачи“, пишува ИФИМЕС.

Инаку, седницата за гласање на доверба на Владата ќе започне утре од 11 часот. Пратениците ќе мора да гласаат до утре на полноќ, а доколку иницијативата за интерпелација на ВМРО-ДПМНЕ добие поддршка од 61 пратеник, тогаш премиерот Зоран Заев ќе мора да си даде оставка во рок од 24 часа по гласањето за интерпелација.

Од владејачката партија СДСМ пак информираа дека Централниот одбор на партијата синоќа одлучил Зоран Заев да ја одложи оставката за да се обезбеди стабилност и европска перспектива на земјата.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак денеска излегоа со најнови информации, откако пратеникот на Алтернатива Скендер Реџепи изјави дека ќе ја прифати понудата од водечката опозициска партија да се потпише на нова иницијатива за барање за гласање на доверба на Владата.

Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ денеска изјави дека утре ќе се гласа за недоверба на владата, иницијативата останува, а собранискиот деловник дозволувал истата технички да биде корегирана без да бидат направени пореметувања во роковите за нејзиното гласање.

„Ќе направиме техничка корекција која што ќе даде простор на одредени пратеници коишто имаа забелешки да се пронајдат себеси во списокот и да гласаат против владата на Заев“, изјави Антонио Милошоски.

Извор: МЕТА

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e