Тито Петковски: Коалицијата „Можеме“ е доказ дека можеме граѓански, наместо етнички и националистички

Тито Петковски е доајен на македонската политичка сцена. Тој е еден од основоположниците на СДСМ и долгогодишен нејзин висок функционер. Бил потпретседател на Собранието во првиот состав, пратеник во три мандати, а од 1996 година до третите парламентарни избори и претседател на Собранието. Беше кандидат за претседател на државата во трката со Борис Трајковски. Во 2005 година се раздели од соборците и ја формира НСДП. По двегодишно коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ, се враќа во старото социјалдемократско јато како коалициски партнер од каде дејствува и на овие избори.

Слободен печат: Дали НСДП ќе се потпре на заедничката кампања на коалицијата „Можеме“ или партијата има и свој дел од програмата со кој ќе сака да се претстави?

– Уште во подготовката на заедничката предизборна програма на коалицијата, НСДП достави свои предлози и идеи, за кои ценеше дека треба да бидат опфатени во заедничките програмски определби, со што дадовме директен придонес во формулирањето на програмата со која коалицијата истапува пред граѓаните. НСДП промовираше и своја програма, нешто што го практикуваме независно дали на избори настапуваме самостојно или во коалиција. Пред сѐ, преку социјални мрежи на дневна основа презентираме наши идеи што ги имаме поставено како приоритети за кои ќе се бориме да влезат во идната програма на владата, која сигурен сум ќе биде формирана од коалицијата „Можеме“.

Слободен печат: Кои програмските определби сакате да им ги доближите на граѓаните, а за кои сметате дека се оригинални, ваши, различни од останатите?

 Како партија која е на страна на работникот, на средната класа, политиките што ќе доведат до унапредувањето на работните односи и на пазарот на трудот, имаат приоритетно значење за нас. За остварувањето на овие цели, НСДП се залага за зголемување на опфатот на прогресивното оданочување, со што богатите ќе плаќаат повисоки даноци од сиромашните. Подигнување на нивото на минималната плата е уште еден инструмент што ќе нѐ доближи до нашите цели за повисоки и стабилни плати за работниците, за социјалната сигурност на нивните семејства. НСДП се определува за трансформирање на пазарот на труд, што би опфатило промени во работното законодавство за воведување нов модел на работни односи. Во моделот што го промовираме, работникот добива право на учество во профитот, во добивката, но и обврска за прифаќање на ризикот во случај ако компанијата работи со загуби. Остварувањето на материјално-егзистенцијалните права на работниците поврзани со плати, придонеси, престанок на работен однос, прераспоредување на работни места, низ судските лавиринти неретко со себе носеа и горчливи социјални трауми за работниците и за нивните семејства. Затоа НСДП се застапува за издвојување на судските постапки поврзани со работите односи преку формирање специјализирани одделенија во постојните судови, со што споровите од работните односи ќе се решаваат побрзо и поефикасно. Во фокусот ги ставаме и образованието, науката и културата. Ова се сфери за кои цениме дека претставуваат најцврста подлога за развојот на државата. Затоа предлагаме школувањето да почнува со седум години, основното образование да биде целосно бесплатно, со обезбеден бесплатен оброк, посета на музеи, екскурзии, училишни автобуси, со воведување физичко воспитание и образование по сите европски и светски стандарди, најмалите да немаат домашни работи, заострување на критериумите за проверка на кандидатите при упис на факултетите – тоа се дел од нашите определби. Во културата е потребен институционален развој и дисперзија со која секое населено место би имало библиотека или музеј, за промовирање на нашето богато културно наследство и творештво треба да се зголеми бројот на културни аташеи во нашите амбасади во соседството и во светските метрополи.

Целото интервју со Тито Петковски за Слободен печат прочитајте го на следниов ЛИНК.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e