СУДБИНАТА НА МАКЕДОНИЈА НЕ ЗАВИСИ НИТУ ОД БУГАРИЈА, НИТУ ОД ЕВРОПА, ТУКУ ОД ИНАЕТОТ НА МИЦКОСКИ И ВМРО

По завршување на самитот на Берлинскиот процес во Тирана, работите стануваат појасни. Европа нема вечно да нè чека. Доколку не тргнеме веднаш по европскиот (авто)пат, на Албанија наскоро ќе ѝ го гледаме грбот. По 10-15 години од денес, на младите ќе им раскажуваме дека сме биле пред Албанија. Исто како што сега раскажуваме дека Бугарија и Романија и во стандард и во сè друго заостануваа многу зад нас.
Имав неодамна прилика да ја видам Албанија ‘од блиску’. Имав прилика да видам како одат напред. И сигурен сум, ако не ни дојде умот, дека за кусо време многу ќе заостануваме зад нив. Имаат Албанците среќа што го немаат ВМРО. Па ќе си возат со „200 на саат“. А ние ќе ги гледаме од страна и ќе голтаме кнедли.
Ова е последната шанса за Македонија. Затоа во овој момент ми е премалку важно дали во владиното бифе има ниски цени на чорби. И дали Цеца пеела на свадба кај синот од Мијалков. И дали урдата била луксуз. Сите тие проблеми ќе ги решаваме отпосле. Заедно со Европа. Во моментов имаме други приоритети.
Последниве два дена уште еднаш слушавме за огромната поддршка за продолжување на нашите преговори со ЕУ. Претседателот на Франција Макрон изјави дека немаат намера да нè остават надвор од Европа, а германскиот канцелар Шолц кажа дека Македонија треба да биде наградена. Поддршка стигнува и од европските челници. Во континуитет имаме поддршка од претседателката на Европската комисија Урсула Фон Дер Лајен, од претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и од Жозеп Борел, висок претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика. Силна поддршка имаме и од САД. Како никогаш во минатото.
Несомнено е дека ќе имаме и голема финансиска помош ако ги направиме уставните промени и ако ги продолжиме преговорите со ЕУ. Финансиска помош за секоја стопанска гранка. На пример, само со новите мерки од ИПАРД 3 програмата предвидени се вкупно 217 мил. евра за директна поддршка на нашите земјоделски производители. Со пристапот на Македонија во ЕУ ќе се овозможи пристап и до други фондови и европските средства ќе се зголемат за најмалку 10 пати. Вчера ни стигна силна поддршка и од Антонела Басани, претседателка на Светска Банка.
Имаме одлична шанса за гол, во последната минута од судиското продолжение на натпреварот. Судбината на Македонија не зависи ниту од Бугарија, ниту од Европа. Зависи само од Мицкоски и од неговите пратеници. Продолжат ли со инаетот во следните месец-два, за нас веќе ќе нема надеж.

ФБ став на Ацо Лукароски

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e