Скопје: Грдата слика во огледалото која не сакаме да ја видиме

Опкружување или животна средина ( environment) е се она околу нас. Кругот во кој живееме, она што не опкружува…загадените реки, најлоните и пластичните шишиња распослани во секое катче на природата до кое допираме ние како луѓе..урбанистичкиот хаос… Се е тоа огледало на нас самите. Грди сме онолку колку што е грдо тоа опкружување во кое живееме. И тоа ќе биде така со тенденција да деградира се додека не разбереме дека во центарот на тоа опкружување сме самите ние, секој еден од нас без исклучоци.

Наш најголем проблем е упорното одбивање да се видиме во собата со огледала во која каде и да се свртиме гледаме грда слика која е одраз на нас самите. Во очаен обид да не ја прифатиме таа толку очигледна стварност ние сме во постојана потрага по непријатели или по било кој на кого ќе ја префрлиме вината. Убаво е да седиме по кафиња и да се жалиме на корупција се до другиот ден пред новото кафе кога патем ќе го тресеме семејното стебло за да најдеме некој близок на овој или оној кој ни е потребен за да одиме на лекар, за да извадиме лична карта, за да добиеме градежна дозвола. Како новинар често среќавам познаници кој се жалат на корупција или други проблем со администрацијата или политичката власт но кога ќе побарам некој да проговори јавно за тоа да може да се објави и на тој начин да се компромитира генераторот на корупцијата, бивам одбиен со изговор дека ‘знаеш не е сега време..може би подоцна” за подоцна да разберам дека уствари истиот тој кој се жали се обидува на друга врата да корумпира некого за да ја заврши работата без да разбере дека токму тој дел од циркулацијата на малигните клетки низ највиталните пори на општественото ткиво.

Чекањето на некоја партија/власт како deux ex machinа која магично ќе ни ги реши сите проблеми добива размери на театар на апсурдот и неговото најпрепознатливо четиво “Чекајќи го Годо”. Одбивајќи да ја прифатиме нашата слика во огледалото ние проектираме потреби на нашето битие такво какво што е, кои се материјализираат во понудата која ја добиваме во низата на изборни циклуси кои никогаш ништо не менуваат.

Промената е можна само и само во моментот кога ќе ја прифатиме реалноста за нас самите и кога со тоа сознание ќе ја отвориме дебатата за тоа што правиме ние сами за себе, за својата иднина, за своите деца и се она за што често знаеме да зборуваме во еден дегутантно патетичен контекст. Деновиве надеж ми внесе една епизода од Агенцијата за воздушна пловидба во која една од владејачките партии а можеби и повеќе, се обидоа да го поништат конкурсот организиран од данска консултантска фирма која работејќи си ја работата на конкурсот ги избрала оние кои ги бива. Незадоволни од резултатот пулените на политичките партии се пожалиле дека се одбиени па нивните политички ментори за да демонстрираат кој е “главен во селото” одлучија да го поништат конкурсот и да го повторат со цел нивните пулени да добијат она што им припаѓа согласно партиските заслуги. Соочени со грдата политичка агресија врз професијата, група на контролори за летање се заканија со откази од својата работа доколку конкурсот сепак биде поништен по желба на политичките партии. Нивниот решителен и принципиелен став доби гласност по што политичарите сепак отстапија. Со малку одважност , интегритет и одговорност нештата брзо се менуваат и окружувањето станува поинакво.

Овие човечки квалитети се во нас самите. Ако ги препознаеме сликата во огледалото ќе се разубави.

Борјан Јовановски за Нова ТВ

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e