Рекетот и новинарството не се исто!

Рекетот и новинарството не се исто! Многу сум разочарана од сите кои сега крвнички го бранат сопственикот на Доказ – од некои од тие луѓе на времето сме учеле новинарство, од нивните прирачници и од нивните стории. За сега да ги слушам како бранат нешто што се коси со сите стандарди на професијата!
Со години и години пред нас се случува – големи фирми, бизнисмени плаќаат илјадници евра за да не се најдат на насловни страни на некои портали. Си плаќаат и си ќутат, оти за секој има по некоја валкана пикантерија. Сакаш да се пресметаш со некој – плати си 5000 евра и утредента ќе го видиш „распнат“ во медиумот.
Новинарки со години се предмет на напади, им се растураат семејства, им се измислуваат афери по нарачки, за да бидат замолчени и затоа сега длабоко им се поклонувам на двете новинарки кои го истераа случајот докрај. Се објавуваат приватни фотографии, се осакатуваат цели семејства. И сето ова, без никаков јавен интерес. Единствен интерес е нарачката и да се земат парите. Па ние си знаеме колку сме ги преплакувале нашите родители и семејства кои ги читале тие бљувотини!
И после се чудиме зошто не ни веруваат граѓаните. И зошто на пример престанав да си ја сакам мојата животна професија, која ја сакав и со мерак ја работев 20 години. Па нема да ни веруваат, кога јавниот интерес наместо императив, стана заборав. Се прогласуваат луѓе за виновни уште пред да бидат осудени, нема граници каде завршува бизнисот а каде почнува новинарството, нема ни дефиниција за јавен интерес, а луѓето си впиваат, си читаат, си се забавуваат. На сметка на нечии животи. Кој со кого има секс не е ваша и ничија работа!
Ова денеска нека е почеток, за потоа да може да се разграничи кој е новинар, а кој не е, до каде е бизнисот а од каде е новинарството, а пред се, конечно да се развие медиумската писменост кај граѓаните! Не паѓајте ниско да се информирате од секој кој по цена на нечиј живот и кариера гледа да заработи од вашиот клик, а каде што нема тронка вистина!

ФБ статус на новинарката Мери Јордновска 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e