Признанието на „добриот полицаец“ Наќе

Нека е и технички министер на МВРО во прашање, но неговата изјава е директно признание дека тој не ја извршува својата и ја оневозможува основната функција на полицијата – безбедноста. Ако треба да има продолжување на вонредната состојба, мора да се преземат мерки таа повеќе да не биде чадор за опасни безбедносни игри и загрозување на јавното здравје. Поважно од вонредна состојба во моментов е да се организираат избори за да се спаси државата од министри како Наќе.

Пред да ја разгледува опцијата за продолжување на вонредната состојба, Советот за безбедност на средбата кај претседателот Пендаровски треба да ја разгледа безбедносната состојба во земјата што произлегува и од неодговорното и незрело однесување на дел од политичките структури во земјава. Пред сѐ, на јавноста ѝ е потребна оценка на безбедносната состојба во земјава поради непостапувањето на полицијата во ситуации во кои е сосема јасно дека мора да постапува, за да го заштити јавното здравје. Вистинските размери и последиците од инертноста и политичката злоупотреба на полицијата, допрва ќе се почувствуваат и тоа во период кога на земјава најмногу ќе ѝ биде потребно тоа.

Навистина, еден министер, па нека е и Чулев, не смее да си дозволи изјава дека „тој не сака да ги казнува граѓаните“. Премногу е наивно популистичка и истовремено опасна. Кој ќе ја лапне таа јадица, мора да е сом, коментираше еден мој другар. Не мора да се биде којзнае колку информиран и свесен за да се заклучи дека никој не бара од него да казнува. Тоа беше работа на една негова сопартијка и претходничка во истиот ресор, кога казнувањето и репресијата беа начин да се одржува режимот и да се спроведуваат изборни кражби. Задача на еден министер за внатрешни работи е да го спроведува законот, да им служи и да ги заштитува граѓанките и граѓаните. Во случајот со Чулев, тој е министер во преодна влада чија основна задача е да обезбеди слободни избори. Ништо повеќе!

Во секој случај, било да е во преоден или редовен владин состав, обврска на министерот за внатрешни работи е да се грижи за безбедноста на граѓанките и граѓаните. Тоа му е работата. Како што тоа го прават лекарите кога некој е болен. Како што пожарникарите го гасат пожарот кога гори куќа.

Целата колумна на Џабир Дерала за Цивил Медиа на следниот ЛИНК.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e