Партиите заради ситно политичко профитерство покажаа дека ништо не им е свето

Како не им се смачи, како не им збоктиса три дена да изигруваат експерти за се’? Како не им е незгодно да влегуваат во туѓите животи, да се занимаваат со туѓата несреќа, да долеваат бензин на огнот кај роднините и блиските на Вања и Панче? Како не ги фати барем малку срам од ширењето теории на заговор?
Од каде таа потреба секој да дефинира секого и се’? Од каде помислата дека сите тие, сите ние ја имаме неопходната компетенција јавно да дебатираме за секое прашање? Зарем е толку тешко да се воздржиме по осетливи теми за кои, ако имаме грам свест и совест, не смееме да си дозволиме јавно да коментираме и дезинформираме?
За 5 дена МВР и ЈО ги открија учесниците во грабнувањата и убиствата, ги притворија, распишаа меѓународна потерница по Палчо, одржаа прес-конференција на која ги соопштија сите информации со кои располагаат… ама за „стручната јавност“ и тоа е малку!
Кој како стаса „аргументирано“ искоментира дека МВР и обвинителството лажат, дека ја кријат вистината, дека, всушност, се случило нешто друго! Во ваквите портарски муабети се вклучија и јавни личности, кои и пред да биде извршена обдукција на телото на малата Вања, знаеја кога и како настанала смртта кај несреќното девојче.
Се разбира, сето ова не можеше да помине без лешинарењето на дел од партиите, кои заради ситно политичко профитерство покажаа дека ништо не им е свето и дека обѕирите им се непозната именка.
И како капак на се’ тука се медиумите, кои од слепата желба за сензационализам, читаност и гледаност, по којзнае кој пат потврдија дека македонското новинарство го допре дното и дека ни тука не застанува.
Ако имате душа, покажете почит и кон Вања и Панче, и кон нивните семејства. Оти, на нивната трагедија, само уште ние им фалиме!
ФБ став на Зоран Милошески 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e