Како да ја намалите температурата во автомобилот за 10 степени?

Автомобил оставен на директно сонце може за само половина час да достигне температура повисока од 50 степени, но правилната заштита може да ја намали топлината во кабината за десет степени, покажува тестот на германскиот автомобилски клуб АДАК.

Во испитувањето биле користени седум исти автомобили „Дачија дастер“, оставени околу четири часа на пладневно сонце. Возилото без никаква заштита се загреало до 53 степени, додека автомобилот покриен со таканаречена полугаража, прекривка што ги заштитува прозорците и горниот дел од директното сонце, достигнал 43 степени. Тоа била најефикасната мерка во тестот.

Добар резултат дала и рефлектирачката заштита поставена од надворешната страна на ветробранското стакло. Таа ја задржала температурата во кабината на 45 степени, односно осум степени пониско отколку во незаштитениот автомобил. Надворешната заштита е поефикасна бидејќи ги одбива сончевите зраци пред тие да поминат низ стаклото.

Заштитникот поставен од внатрешната страна на ветробранското стакло ја намалил температурата за само четири степени. Белата ткаенина врз контролната табла донела разлика од три степени, додека затемнетите задни стакла ја намалиле вкупната температура во кабината за само два степени. Сепак, затемнувањето имало значително влијание врз задното седиште, каде што површинската температура била 48 наместо 57 степени.

Тестот покажал дека бојата на автомобилот има помало влијание врз температурата во кабината отколку што често се претпоставува. Надворешната површина на црниот автомобил достигнала 65 степени, а на белиот 44 степени, но разликата во кабината изнесувала околу пет степени, 53 во црниот и 48 степени во белиот автомобил.

Поголем проблем се темните површини во внатрешноста. Воланот, контролната табла, металните делови на безбедносните ремени и детските седишта може да достигнат над 70, а во одредени услови и до 80 степени, со што се создава опасност од изгореници. Покривањето на воланот и седиштата со светла ткаенина не ја разладува значително целата кабина, но ги задржува површините и до 26 степени постудени.

Пред тргнување треба да се отворат вратите и прозорците за да излезе најтоплиот воздух, а потоа да се вклучи климатизацијата. Самото оставање малку отворени прозорци додека автомобилот е паркиран има многу ограничен ефект и не спречува опасно загревање.

Деца и животни никогаш не треба да се оставаат во паркиран автомобил, ниту за кратко и ниту со подотворени прозорци. Во тестирањата на АДАК, при надворешна температура пониска од 30 степени, во кабината биле измерени повеќе од 50 степени по половина час и 59,1 степен по 90 минути.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e