Мицкоски ја брани партиската фотелја со атак врз изборите

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски тргна со контранапад против барателите за негова оставка од челната партиска позиција. Прстот за изгубените изборни циклуси го впери во неговите противници во партијата, кои ги нарече „естрадните политичари“ кои работеле против ВМРО-ДПМНЕ, мислејќи дека по поразот ќе ја преземат партијата, „за да преговараат за амнестија со власта“, но и поради тоа што изборите, како што рече, „биле украдени“.

За последното барање за оставка од поранешниот партиски потпретседател Митко Јанчев, Мицкоски вели:

– Наместо да зборуваме за 870 новозаболени, ние зборуваме за политички естрадни уметници кои во 12 по полноќ пишуваат полноќни статуси. Ако имавме чесни избори ние денеска немавме да имаме вакви политичари, туку ќе имавме нова влада на ВМРО-ДПМНЕ која немаше ова да го дозволи, затоа што СДСМ ќе добиеше дебакл на избори. ВМРО-ДПМНЕ не победи на изборите затоа што тие беа украдени.
Од друга страна, Јанчев во интервју за „Слободен печат“ вели дека ВМРО-ДПМНЕ само со идеи на млади луѓе ќе стане модерна и европска партија, која ќе биде поблиску до народот. Тој смета дека народот веќе не сака да слуша црни кампањи и дека секој има право да се кандидира за партиски лидер бидејќи „никој не е вечен“.

Од невладината организација МОСТ, која со најголем број набљудувачи учествуваше во 15 изборни циклуси, велат е вообичаено по изборите одредени субјекти да ја спорат нивната легитимност, па и легалност, но дека таквите тврдења сепак се паушални.

– Може да се каже дека станува збор за паушални тврдења, кои може да имаат само политичка употреба. Сите извештаи на меѓународните и домашните набљудувачи позитивно ги оценија спроведените избори, укажувајќи на тренд на подобрување во последните неколку изборни процеси. Дополнително, еден од критериумите за тоа дали изборите биле „украдени“ се приговорите за гласањето на денот на изборите кои се доставуваат до ДИК. Иако навистина до ДИК беа доставени околу 2.000 приговори, се работеше за приговори без докази кои едногласно беа отфрлени од ДИК, што укажува дека навистина немало никакви нерегуларности кои би можеле да влијаат на резултатите од изборите – вели Златко Димитријоски од МОСТ.
Во извештаите на ОБСЕ/ОДИХЕ и на Европската комисијата за напредокот на Македонија пишува дека предвремените парламентарни избори биле добро спроведени. ОБСЕ/ОДИХР пишува дека предвремените парламентарни избори во Македонија беа добро организирани и покрај пандемијата, но правната несигурност остава простор за загриженост. Денот на гласање поминал мирно и покрај одредени технички предизвици поврзани со известувањето за резултатите.

И во извештајот на Европската комисија е наведено дека генерално изборите биле добро спроведени и дека кампањата била вистински конкурентна, но дека правната стабилност била поткопана со значителни ревизии на законската рамка и последователните владини уредби.

Извор: Слободен печат

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e