Медиумиските слободи напредуваат, пропагандистите и дезинформатори тагуваат

Северна Македонија направи голем скок на светскиот Индекс на слободата на медиумите на „Репортери без граници“, од 90-то на 57-то место, нешто што до неодамна беше речиси незамисливо.
Овој резултат е реална оценка на напорите што ги направи земјата во минатата, а и претходните години, за ослободување на медиумите и јавноста од стегите во кои живееше цела деценија, во времето на режимот на Груевски.
Од друга страна, самиот факт дека оваа вест не е меѓу ударните вести, туку длабоко закопана кај агрегаторите на вести и маргинализирана од многу македонски медиуми, укажува дека опасноста по слободата на медиумите се уште постои, дека е реална и дека малку фали да се вратиме таму каде што бевме пред само неколку години.
„Репортери без граници“ со право ги посочуваат ‘хроничните болести’ кои се уште ги имаме – клиентелизмот и врските меѓу политиката (партиите) и сопствениците, падот на професионализмот и квалитетот не медиумските содржини, дезинформациите, пропагандата и омразата, поларизацијата и поделбите во медиумите и јавноста, недоволната сила на саморегулацијата…
Сепак, резултатот, во вакви тешки околности, е повеќе од импозантен и охрабрувачки. Честитки за сите што придонесуваа и придонесуваат за освојување и чување на медиумските слободи, и во поарни, и во полоши времиња.
За да тоа остане така и да се продолжи напред, на целото општество, здравите ткива во медиумите и новинарскиот еснаф, институциите и политичарите и партиите, граѓанскиот сектор и граѓаните воопшто, им претстои уште повеќе работа. Сега не е време за спиење на ловориките.
Останува уште да изразиме „сочувство“ до сите оние што денес молчат пред овој резултат и успесите на својата земја и професија, оние што ја трујат јавноста со омраза и дезинформации, оние кои сонуваат за враќање на некои други времиња, во кои тие царуваа, а цела земја страдаше. Да им посакаме нивните сништа да не се остварат, и времињата што се зад нас да не се вратат никогаш повеќе!
ФБ статус на Петрит Сарачини

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e