Макрон прелага поширока европска политичка заедница

Францускиот претседател Емануел Макрон повикува на создавање „европска политичка заедница“ која би можела да ја прифати Украина, јави дописникот на МИА.

По усвојување на евентуалниот кандидатски статус за пристап на Украина во ЕУ, чие проучување од Комисијата е во тек, за пристигањето до членство би биле потребни „повеќе години, а за волја на вистината, веројатно и неколку децении“, оцени Макрон и се запраша: „Како да се организира Европа од политичка гледна точка и пошироко од Европската унија? За ова, тој сака создавање на „европска политичка заедница“.

Оваа заедница „ќе им овозможи на демократските европски нации кои се придржуваат до нашите основни вредности да најдат нов простор за политичка соработка, безбедност, соработка во енергетиката, транспортот, инвестициите во инфраструктурата, движењето на луѓето, особено на нашата младина“, продолжи тој.

-Европската унија, со оглед на нејзиното ниво на интеграција и амбиција, не може на краток рок да биде единственото средство за структурирање на европскиот континент. Тука се повеќе балкански земји кои се вклучени во процесот на зачленување, и тие треба да го продолжат својот пат бидејќи имаат определба која е веќе трасирана. Но нас ни е неопходна јасност во однос на овој нов геополитички контекст да се најде патот, на нашата Европа на нејзиното единство, нејзината стабилност, без слабеење на интимноста изградена во рамките на нашата Европска унија. Затоа имаме историска должност да не правиме како што секогаш правевме и да кажеме дека единствениот одговор не е пристапувањето. Ви го кажувам токму ова искрено, за да се отвори историската рефлексија сразмерна на настаните што ги доживуваме за организацијата на нашиот континент, рече Макрон

Францускиот претседател, оваа идеја ја презема од историјата, поточно од 1989 година, од неговиот претходник претседателот Франсоа Митеран, кој ја отвори оваа дебата додека Советскиот Сојуз се распаѓаше, предлагајќи создавање на европска конфедерација. Предгогот на (Митеран) не беше прифатен. Несомнено тој беше премногу предвремен, бидејќи ја вклучуваше и Русија во оваа конфедерација, што секако беше пребрзо и неприфатливо за државите кои штотуку се ослободија од јаремот на Советскиот Сојуз.

Но тој постави добро прашање и ова прашање останува „како да се организира Европа од политичка гледна точка, пошироко од Европската унија“.

-Наша историска обврска е да одговориме на тоа и да го создадеме она што би го опишал пред вас како европска политичка заедница. Оваа нова европска организација ќе им овозможи на демократските европски нации кои се придржуваат до нашите основни вредности, да најдат нов простор за политичка соработка, безбедност, соработка во енергетиката, транспортните инвестиции во инфраструктурата за циркулација на луѓе, а особено приклучувањето на нашата младина. Тоа нема нужно да го прејудицира идното членство во Европската унија, ниту пак таа (европската политичка заедница) ќе биде затворена за оние кои ја напуштија ЕУ, рече Макрон.

-Мораме да ја обединиме нашата Европа согласно нејзината географија со желба да го зачуваме единството на нашиот континент, заклучи тој во Стразбур, најавувајќи консултации во наредните недели со своите европски партнери на оваа тема.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e