Двајца грабнувачи осудени на 6 и 4 години затвор – со ќотек барале признание за силување

Двајца жители на село Корешница, Демиркаписко, се осудени на шест и четири години затвор за грабнување на 21-годишник од Неготино, соопшти Основниот суд Кавадарци.
Тие на 12 април го внеле младиот неготинец во автомобил и го однеле кон Демир Капија, заканувајќи му се со пиштол и нож и физички напаѓајќи го. Целта била да го присилат да сними изјава со која ќе признае дека ја силувал сопругата на првообвинетиот.
Според Обвинителството, жртвата била удирана со боксови и пластична цевка, а на главата ѝ ставиле црни ќеси за да не гледа каде ја носат. Во шума, двајцата продолжиле со закани и барале да признае нешто што тој постојано го негирал.
И покрај тоа што му го одзеле телефонот, оштетениот претходно успеал да испрати порака за помош до полицијата. Соседите, пак, забележале како го внесуваат во автомобилот, што им помогнало на полицајците да ги идентификуваат осомничените.
Двајцата го признале делото и изразиле жалење. На првообвинетиот, по психијатриско вештачење, му била утврдена битно намалена пресметливост поради хронична психоза, параноја и патолошка љубомора.
По изрекувањето на пресудите, на двајцата им е продолжен притворот до правосилноста, објави Плусинфо.мк.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e