Граѓаните на Крива Паланка и сите посетители на градот под Осоговската Планина деновиве можат да уживаат во богатата лепеза традиционално богатство, култура, фолклор, традиционална храна, ракотворби, мед, домашни производи во рамките на манифестацијата „Шопско село 2026“, посветена на народното творештво, традиционалните занаети, ракотворби и домашната гастрономија.
Манифестацијата започна вчеравечер и ќе се одржува три дена во центарот на Крива Паланка, на кејот на Крива Река, паралелно со меѓународниот фолклорен фестивал, под покровителство на општината.
-Синоќа кејот на Крива Река замириса на традиција, на она најдоброто, домашното, нашето, на гулаш што полека се подготвуваше по стари традиционални рецепти, на домашни производи и вкусови што нè враќаат кон корените. Тука се и вредните раце на нашите занаетчии и мајстори, ракотворбите создадени со љубов и сето она што со години се пренесува од генерација на генерација. Вкусот е само дел од приказната. Најубавото е чувството да се собереме, да споделиме и да го чуваме она што е наше, а токму тоа е целта на манифестацијата „Шопско село“, посветена на народното творештво, традиционалните занаети, ракотворби и домашната гастрономија, истакна Сања Станковска, лице за комуникација со јавноста на Општина Крива Паланка.
И вечерва и утревечер продолжува програмата на „Шопско село“, повторно со она што му дава посебен белег на годинашното издание, традиционалната подготовка на гулаш, што носи дополнителна динамика и празнична атмосфера во духот на заедништвото, дружењето и споделувањето.
