Македонија гори, Мицкоски се чешла

Убавите шуми убаво горат. Македонија гори цели два месеца, а премиерот Мицкоски се чешла. Молбите Господ да пушти дожд нешто помогнаа, останатото си гори додека не догори. Досега имало 667 поголеми и помали пожари кои направиле прав и пепел на стотици илјади хектари. Главниот известувач Стојанче Ангелов уредно, секојдневно, по повеќе пати ја информира јавноста за огнените стихии до целосна медиумска банализација како да се работи за друга планета. Кажано на скопски сленг: „Кина гори, к… те боли“. Владата е ангажирана 24/7 за крупни државни прашања за комплетно заокружување на власта, оти сѐ уште имало непријателски оази. Пустинската почва по опожарувањата се зголеми близу 10 отсто од територијата на Македонија.

Ѓорѓи Кимов, нашиот познат долгогодишен истражувач на јавното мислење и аналитичар ми пишува дека медиумите и новинарите се на ред нешто да направат што криминалните политичари од сите партиски бои не го прават со децении. Вели „досега само од последните огнени стихии се опожарени седум проценти од површината на нашата држава. За тоа голем придонес имаат лошата опременост на ЦУК со опрема не само што не е доволна, туку е и застарена и нефункционална. Општинските противпожарни единици се мизерно опремени со возила и опрема од минатиот век.“

Е, сега она што е најбитно и што секоја година нѐ опоменува со големи пожари и суши, но и со летни ненадејни промени на времето со силни врнежи, ветришта и поплави кои веќе покрај огромните штети однесоа и човечки жртви. Тоа се последици од климатските промени на кои во Македонија воопшто не се обрнува внимание и речиси не постојат осмислени активности и проекти и задолжени институции во државата, па во догледна иднина за осум до десет години Македонија може да се претвори во значителен дел во пустина, опустошена земја без водени ресурси, пресушени извори, реки, деградирани земјоделски површини и голи планини. Штетите би биле застрашувачки и трагични.

Можат ли новинарите нешто да направат

Кимов предлага да се донесат „мерки во два правци, прво да се донесат закони и други мерки со кои ќе се обврзе државата за подобрување на заштитата од шумски пожари и природни катастрофи. Вториот извор на приходи би бил многу позначаен по своите позитивни политички и психолошки ефекти. Позната е праксата кај нас по секои избори првото што го прават новоизбраните функционери, градоначалници, директори на државните фирми и други новопечени функционери е да купат скапи возила и нов мебел во своите кабинети со пари од и онака сиромашните фондови на општините и други државни институции.

Во тој поглед е потребно да се изврши силен медиумски притисок да се донесе закон со кој ќе се стави мораториум на луксузирањето на новите политички бубашваби кои ги лечат своите малограѓански комплекси со народни пари.“

….

Уште колку власт ви треба?

По секои избори на кои победува ВМРО-ДПМНЕ следува кадровски геноцид. Се чисти сѐ што не е строго партиски определено. Тој процес на промени, читај чистки, ќе трае некаде до крајот на годината, а во меѓувреме ќе почне по општините поделбата на 250 милиони евра поволен кредит од Унгарија кој ќе се троши како коруптивна предизборна кампања, а може да се дозира по потреба уште со 250 милиони евра. Така ќе биде извојувана уште една голема победа на локално ниво.

Потоа, во зависност од проценките и големината на победата, можат да се оди спокојно и на предвремени парламентарни избори кон крајот на 2025, или почеток на 2026 година, за што ќе бидат потребни другите 500 милиони евра од кредитот на големото пријателство со премиерот Виктор Орбан.

Целата колумна на Ерол Ризаов за Дојче Веле на следниов ЛИНК.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e