Лицемерна солидарност на ВМРО-ДПМНЕ и Левица

Трогнат сум до солзи од солидарноста на советниците на ВМРО-ДПМНЕ и Левица во Битола. Тие покажаа досега невидена хуманост издвојувајќи по 10.000 денари од општинската каса за семејствата на „неправедно“ осудените, кои во Собранието учествуваа во насилниот обид за државен удар на 27 април 2017 година и кои издржуваат затворски казни. Единствената замерка може да се стави на скромниот износ што го одредиле како помош на семејствата на докажаните патриоти.

Можеле да бидат поштедри со туѓи пари. Барем да изгласале по една просечна плата секој месец за семејствата што страдаат додека не ја добијат заслужената амнестија „неправедно“ осудените, по најавената сигурна победа на ВМРО-ДПМНЕ на следните парламентарни, или претседателски избори, кога и да се одржат.

Дотогаш, за големиот срам да биде целосен, како што доликува на партиските раководства на ВМРО-ДПМНЕ и Левица, овој пример на солидарност и милосрдие треба да се примени во сите општини каде ВМРО-ДПМНЕ победи на локалните избори и каде имаат мнозинство советници со своите коалициони партнери.

Тоа нема да биде само врв на досега невидено лицемерие, според изјавата на еден од советниците на Левица во Битола, кој од разбирливи партиски потреби и директиви гласал таа помош да се додели на семејствата кои навистина се невини и соочени со сериозни проблеми, туку многу повеќе од лицемерие и најпримитивен популизам.

Еве и зошто. Раководството на ВМРО-ДПМНЕ на чело со „побегуљата“ во Будимпешта, Никола Груевски и луѓето кои го организираа државниот удар, најголемиот скандал во историјата на парламентарната демокртија на Македонија со насилно попречување на конституирањето на Собранието, освен со пропагандна врева за големиот патриотизам, со ништо не им помогнаа на семејствата на извршителите на нивните наредби. Кукавички се сокрија најнапред со изјавите дека го осудуваат насилството и обидите за убиства на очиглед на јавноста во целиот свет, а потоа си ги измија рацете со говори за амнестија на невино осудените. Никогаш не покажаа ниту еден гест на помош кон семејствата на осудените со свои лични донации, или каква било солидарност.

Главниот командант, кој од Виена, божем мораше да биде присутен таму, во тие критични денови за неговата партија во земјата, на многу значаен и неодложен алиби состанок, ги праќаше директивите за упад во Парламентот. Груевски, кој сѐ уште мудрува преку социјалните мрежи делејќи лекции по историја и економија одржувајќи го груевизмот, не чепна во милионите ограбени народни пари, ако не јавно, барем како што прилега на вистинска солидарност, да најде начин да им помогне на страдалниците и семејствата кои ги оставија на цедило извршителите на неговите болни амбиции вечно да владее и по изборите, на кои по 11 години режимско владеење ја загуби власта. Ја загуби власта, но „груевизмот“ во неговата партија остана негибнат.

Целата колумна на Ерол Ризаов за Дојче Веле на следниов ЛИНК.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e