Читам една објава на вицепремиерот Фатмир Битиќи, кој на социјалните мрежи објави нова инвестиција во земјава.
„Во Франкфурт, Германија, бев дел од настанот на потпишување на договор со технолошки напредната и глобално етаблирана компанија БМЗ за реализација на инвестиција во Северна Македонија во вредност од 65 милиони евра, со која се проектира отворање на 755 нови работни места со конкурентни плати за нашите сограѓани“, пишува Битиќи.
Вакви вести секогаш се добредојдени. Нив, за среќа, ги има релативно често, иако често се истуркани на маргините од вестите, бидејќи креаторите на редакциските политики чуваат место за отровите на Мицкоски и компанија, нели, за да бидат „балансирани“.
Сепак, овој краток коментар не се однесува на инвестициите, а ниту на „балансот“ во медиумите.
Повеќепати, а мислам дека можам да кажам и редовно, забележувам еден податок во ваквите изјави во изминатите неколку години. Тоа е делот од изјавите кој гласи „нови работни места со конкурентни плати“. Конкурентни плати! Овој став е во драстичен контраст со социјалните и економските политики за време на владеењето на Груевски.
Ако се сеќавате, Груевски дојде на власт во 2006 година со пропагандната порака со убедувањето дека во земјата ќе дојдат странски инвеститори. Аргумент за „атрактивноста“ на Македонија за странските инвеститори беше „евтината работна сила“ што може да ја понуди нашата земја.
Па така добивме конфекциски погони во кои се работеше до 12 часа, шест дена во неделата, за 6-7 илјади денари месечно.
Го добивме и живописниот минхаузеновски тип, измамникот од Индија (БРИКС), Субрата Рој, кој ветуваше дека неговиот комплекс во Охрид ќе биде меѓу десетте најдобри во светот. За телефонските шепотења на перница со Миле-ми-текна и процентите од „жутите“ (исто така, од БРИКС) и да не говориме. Ех, времиња!
Значи, да скратиме и да заклучиме. Силен е контрастот меѓу „аргументот“ на Груевски со „евтината работна сила“ и сегашните политики за „работни места со конкурентни плати“. Не се бега од овие факти, ни со силно затворени очи.
Џабир Дерала за Фронтлајн