Колумна на Дарко Каевски: Шанса која не смееме да ја пропуштиме

По исклучително важната 2020 година каде остваривме една од двете наши стратешки цели – членство во НАТО, првата половина на оваа 2022 исто така може да ја направиме да биде запишана со големи букви во поновата македонска историја. Имено, деновиве е најактуелен европски предлог кој по автоматизам доколку биде прифатен од наша страна ќе овозможи кревање на ветото и почеток на преговорите со ЕУ после 17 години во чекалната. Во јавноста се појавија разни дилеми за овој предлог, односно дали и колку тој ги опфаќа зацртаните македонски црвени линии. Овие дилеми се додатно зачинети со лавина лажни вести од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и нивниот проруски коалициски партнер Левица, која има за цел подгревање на ситуацијата и создавање дополнителни поделби кај граѓаните на нашата држава. Имено, сите оние кои го прочитале овој предлог кој е јавно достапен на веб-страницата на Владата, ќе се сложиме дека забелешките од македонска страна и црвените наши линии се јасно и недвосмислено запазени. Тоа значи дека историјата нема да биде дел од преговарачката рамка, имаме кристално чист македонски јазик во ЕУ и зачуван македонски идентитет. Доколку овој предлог биде прифатен, јасно е македонскиот јазик ќе стане официјален јазик на Европската Унија.
Сега на ред е Собранието, пратениците, треба да дебатираме и врз основа на македонските црвени линии да дадеме поддршка на Владата да го продолжи процесот. Но, знаејќи дека ако ВМРО-ДПМНЕ даде поддршка за овие заклучоци кои што се реални и соодветствуваат со нашите барања, ќе бидат контрадикторни пред оние кои ги лажеа и манипулираа со денови дека некаде (само за нив познато каде) во модифицираниот предлог некој се откажува од идентитетот и јазикот. Па така, сега кога не знаат што да направат уште повеќе ги плаши фактот што не можат да делуваат на начин како тоа што го правеа со Законот за јавно обвинителство, Законот за академија за судии и јавни обвинители, Законот за работните односи – со кој требаше на 70-тина судии и јавни обвинители да им се одложи пензионирањето. Оттука произлегува стравот дека до крај ќе бидат делегитимирани, па дури и тие што најмногу ги поддржуваа, ќе увидат дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се гласни, провоцираат и се физички агресивни само кога станува збор за судските процеси, каде се расправа и одлучува за криминалот што го направија припадниците на нивната партија.
Прочитани се, ова сценарио заедно со про-руската Левица, нема да им помине. Всушност, се уште остана неодговорено прашањето за крвавото сценарио кое не успеа. Но има време и за одговори и за одговорност.
Искрено жалам што Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се секогаш на погрешната страна во носењето на крупни одлуки за државата. ВМРО-ДПМНЕ предводено од Христијан Мицкоски дозволи на митинг кој тој го поддржа и на митинг на кој тој присуствуваше да биде запалено знамето на Европската Унија. Дозволи да бидат повредени 50-тина македонски полицјци, дозволи проруски сили да делуваат во насока на етнички конфликти и дестабилизација.
Упатувам апел до граѓаните на Северна Македонија, бидете спокојни и не потклекнувајте на провокации, затоа што овој предлог јасно ги прецизира македонските црвени линии и овој предлог го потврдува македонскиот јазик и македонскиот идентитет.
За крај, сакам да порачам дека ова ни е шанса која не смееме да ја пропуштиме. Ова е можност која треба без размислување да ја зграпчиме бидејќи европеизацијата на нашата држава се надѕира. Сакам уште еднаш да кажам, дајте охрабрете се и навистина ако сите ја сакаме Северна Македонија, час поскоро во Собранието да му дадеме поддршка на предлогот и да го откочиме патот кон ЕУ бидејќи тоа им го должиме на граѓаните и цврсто ве уверувам дека со откочувањето на овој процес, сите заедно ќе имаме подобри услови за живеење тука, во нашата Северна Македонија.
Да и овозможиме на Северна Македонија европска иднина ! Македонци и Македонки кои говорат македонски јазик во ЕУ. Тоа многу гордо звучи!

Колумна на Дарко Каевски 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e