Јанкуловски: Ние ова што го правиме за сите го правиме, ама за да биде ефикасно мора да биде надополнето со вашето совесно реагирање на ситуацијата

*имињата се излислени, секако

За мене нема ама апсолутно никаква разлика помеѓу луѓето ако:
1. Иван кој има решение за излолација и кој мора да седи дома ама преку ден оди до кај неговите, да ги ѕирнел
2. Фатих кој ма нема везе све ово и иде у џамија
3. Рамиза отишла само до продавница
4. Перо кој ми вика „Абе Денко, зар веруваш?“
5. Немања кој има позитивен дома а тој оди по продавници иако не смее да излезе
6. Азра, Силвана, Саније и уште 10 други кои со уште толку или повеќе деца пред зграда седат без маски на лице, без оддалеченост, блиску, па и се прегрнуваат, децата уште понезаштитени
7. Владо во полициски час кога живо пиле нема надвор со своите две деца си играат на плочникот фудбалче, веројатно затоа што работи како полицаец па исто веројатно него казна не го стига затоа што повторно веројатно тој е фаца у МВР па нико му не може ништа.

Сите овие, независно како се чувствуваат по националност, независно во што веруваат или не веруваат, независно каде живеат и каде работат или каде се имаат врски за да не бидат казнети……

Сите тие го минираат целиот труд на сите здравствени работници, сите полицајци, пожарникари, сите оние кои одат на работа заштитени, сите оние кои почитуваат препораки, а мислам дека најбезобразно, најнеферски, најнеколегијално, најнечовечки се однесуваат кон сите оние кои месеци немаат саглам излезено од дома.
Оние кои не излегуваат затоа што некој авторитетен не џабе така рекол но и затоа што знаат дека ако излезат ќе наидат на некој од овие гореспоменативе кои не разбираат дека можат многу лесно да пренесат вирус.
Значи некој е ѓорѓи-сардисан заради нечија будалија и несовесност.

Алал вера другови и баш НЕ ви благодариме.

Искрено кажувам дека навистина не ми е јасно се ова што ни се случува и тоа со месеци, од човечки аспект. Почнувам полека да ги разбирам сите оние реакции од типот ма дај па нека пуштат се бе Денко, што фајде ако едни седиме дома а другиве си шетаат и уживаат, па пукнуваме, депресија не фаќа? Или на моменти и јас си викам, чекај сега, ние сите што сме во скафандери ко марсовци а не има доста и што им изгледаме смешни на оние „храбрине“, нели до некој мај требаше се ова да заврши, до кога ќе сме такви?

И веднаш одговорот ми е пред очи – додека шетачиве и невернициве не седнат и не размислат што прават.

Уф, па тоа никогаш нема да се случи. И? Е и де????

Од една страна се бориме да ги заштитиме сите, од друга страна имаме невидена несоработка со многумина, ама од трета страна па мора да ги заштитиме оние другите кои се совесни и кои почитуваат а исто како нас не разбираат зошто другите ова ни го прават?

Да, ние ова што го правиме за сите го правиме, нормално. Ама за да биде ефикасно мора да биде надополнето со вашето совесно реагирање на ситуацијата, значи да се прави она што треба да се прави. Не ви викам да не размислувате на темава корона, никој не може да ви го забрани тоа, никако. Размислувајте, анализирајте, читајте какви и да сакате теории, слободно. Плукајте по се и секого на фејсов, потврдувајте го она што некој некаде нешто рекол. Јас немам време за тоа, јас на лице место ја гледам ситуацијата.

Ама кога ќе излезете надвор:
– носете маски
– носте маски на уста и нос, не на подбрадок, не во рака, не било како
– држете растојание
– на каса во маркет не се упикувајте и не им дишете во врат
– одржувајте хигиена, користете дезинфициенси секаде каде што има
– држете ги и децата на растојание
– не се расправајте со продавачите ако не ве примаат без маска на лицето туку најдете маска
– не се групирајте во големи бројки

И она главното, без разлика што мислите за вирусов – верувајте дека има болни, расте бројот, со вакво однесување уште ќе се влечкаме.

И јас сакам да речам како шерифов младоженецот „од утре нема вирус, го однесе матната“ ама тоа не оди така.
За жал…….

p.s. и покрај неколкумесечното папагалско повторување јас ќе продолжам да пишувам

ФБ статус на д-р Денис Јанкуловски

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e