За демократијата подеднакво важно е што се случува во периодот помеѓу двата изборни циклуси, а за стабилност, безбедност и економски развој, важно е каква е вашата надворешна политика, важно е со кого соработувате и кои се вашите партнери. Северна Македонија одамна избрала дека наши стратешки партнери се САД, Обединетото Кралство и Европската Унија.
Изборниот календар ја најави 2024 како извонредно возбудлива година. Во текот на годината, дури во 26 држави од Европа, вклучувајќи ја и Европската Унија ќе бидат организирани избори. Во листата се вклучени и парламентарните и локалните избори во Белорусија, како и регионалните и претседателските избори во Русија. Сепак, таму реален избор не е дозволен, оттаму изборите и не се толку интересни. Круна на годината ќе бидат изборите во САД. Северна Македонија, своите избори ќе ги одржи на 24 април, односно на 8 мај оваа година, а ќе се избира Претседател на државата и 120 пратеници во Собранието.
Изборите се врвот на демократијата, а за демократијата подеднакво важно е што се случува во периодот помеѓу двата изборни циклуси.
Пред без малку 70 дена, во почетокот на ноември 2023 година, во Скопје беше собрана група претставници од најдобрите тинктенк организации од државите членки на ОБСЕ. Конференцијата беше можност за основање на експертската мрежа на ОБСЕ, а собраните шеесеттина истражувачи, аналитичари и дипломати разговараа за трендовите на загрозување на безбедносната соработка во Европа. За сите говорници, еден од негативните трендови кој започнува на национално ниво, а ја загрозува Европа и целиот регион на ОБСЕ е дисфункционалната демократија. За појаснување регионот на ОБСЕ опфаќа 57 држави распослани од Ванкувер до Владивосток, или уште подобро од Големиот до Малиот Диомидов остров, во 24 часовни зони, во кои живеат една милијарда жители. Дисфункционалната демократија ја карактеризира неможност да се одговори соодветно на нови закани, тероризам, хибридни напади, пандемии итн. Дисфункционалната демократија се поврзува со дефектна надворешна политика која ги поткопува традиционалните сојузништва, ги нарушува меѓународните односи и ја ограничува довербата и солидарноста на партнерите. Дисфункционалната демократија е онаа која создава поделби и го поларизира општеството, ги оптоварува внатрешно-политичките односи и го оневозможува владеењето преку нестабилноста на власта. Има уште одредници за дисфункционалната демократија, како што впрочем има повеќе одредници според кои Северна Македонија може да се нарече така.
Сите недостатоци на страна, Северна Македонија од предмет на меѓународните односи, за кој било расправано на самити на шефови на држави и влади, или на најразлични меѓувладини конференции конечно стана субјект на меѓународните односи.
Според Индексот за демократија на Економист, Северна Македонија е демократија со недостатоци. Државата, во 2023 година била оценета со оценка 6,10. Оценката се однесува на претходната, 2022 година. Воедно, тоа е најблиска оценка до највисоката која некогаш сме ја имале, за 2006 година – 6,33. После подолг период на константен пад, најниската оценка сме ја добиле во 2016 година – 5,23. Додека од 2017 година државава е во постојан пораст. Сите недостатоци на страна, Северна Македонија од предмет на меѓународните односи, за кој било расправано на самити на шефови на држави и влади, или на најразлични меѓувладини конференции конечно стана субјект на меѓународните односи. На оваа трансформација и претходеше членството во НАТО, на 27 март 2020 година, а статусот беше потврден низ претседавањето со ОБСЕ во 2023 година. Економист не ја цени демократијата по надворешната политика, но ако зборуваме за дисфункционална демократија и ако анализираме безбедност, стабилност, регионална поврзаност и развој, тогаш надворешната политика е индикатор. Каква надворешна политика водите и кој е вашиот партнер е исклучително важно.
Пред речиси 50 дена, на крајот на ноември 2023 година, во Скопје се одржа Министерскиот совет на ОБСЕ. Советот беше врвот на нашето претседавање со организацијата. Советот беше безбедносно-логистичка операција спроведена според сите стандарди за кој државава и министерствата за надворешни и внатрешни работи, како и одбрана добија многу пофалби од неколку од нашите најголеми партнери, САД, Обединетото Кралство, Европската Унија. Логистичко-безбедносниот успех на страна, дипломатските победи на Северна Македонија се оние кои од државава навистина направија субјект на меѓународните односи, дури и тие се повеќеслојни. Северна Македонија успеа да обезбеди консензус за опстанокот на ОБСЕ, а беше домаќин и на највисоките дипломати од речиси сите држави учеснички. Секако, државниот секретар Блинкен, лордот Камерон и потпретседателот на Европската комисија и висок претставник за надворешна и безбедносна политика Борељ се врвот, но не смееме да ги заборавиме останатите. Во Скопје беа присутни највисоките дипломати, или пак високи државни делегации од 18 од вкупно 24 потполни демократии во светот. Се разбира, во Скопје дојде и Лавров чија држава, Русија е оценета како авторитарна и се рангира на 146 место од 167 држави вклучени во индексот.
Северна Македонија успеа да обезбеди консензус за опстанокот на ОБСЕ, а беше домаќин и на највисоките дипломати од речиси сите држави учеснички. Секако, државниот секретар Блинкен, лордот Камерон и потпретседателот на Европската комисија и висок претставник за надворешна и безбедносна политика Борељ се врвот, но не смееме да ги заборавиме останатите.
Лавров дојде затоа што нему и на Русија тоа им требаше; дојде, за да зборува главно со сопствените медиуми; едноставно, дојде. Од најавуваните бројни билатерални средби, Лавров имаше една средба и кус разговор во разминување со министерот за надворешни работи на Австрија, Александер Шаленберг. За појаснување Австрија е една од 24те потполни демократии. Втората билатерална средба беше со унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто. Унгарија е оценета како демократија со недостатоци и се рангира на 56 место, или само 16 места подобро од Северна Македонија. Без оглед што двете држави спаѓаат во истата категорија, оценките се далеку од исти. Ниту еден дипломат од големата дипломатска тројка, САД, Обединетото Кралство и Европската Унија, не беше воодушевен од одржаната билатерална средба. Оние со кои имав можност да разговарам, воопшто не се штедеа во критиките за истата. Дури и претставниците на тинктенк елитата кои беа во Скопје 20 дена порано споделија слични критики, а беа едногласни дека токму дисфункционалната демократија која постои во Унгарија ја загрозува солидарноста и обединетоста на Европската Унија, а со тоа ја слабее и загрозува безбедноста на цела Европа.
Пред 20 дена започна 2024 година. Започна со ветување дека покрај изборите ќе има и други предизвици, а пред помалку од 10 дена, на 11 јануари во брифинг за медиумите помошникот на државниот секретар во бирото за европски и евроазиски прашања, Џејмс О’Брајан го најави клучниот предизвик. За појаснување, О’Брајан на крајот на ноември 2023, по заминувањето на државниот секретар Блинкен ја предводеше делегацијата на САД на министерскиот совет на ОБСЕ. На брифингот, тој за медиумите изјави „Западен Балкан мора да биде стабилен, безбеден и европски, а на граѓаните им треба економска интеграција.“ За време на својот престој во Скопје, О’Брајан имаше неколку билатерални средби со претставници и на власта и на опозицијата. Средбите не престанаа, па така на почетокот на годинава, при посетата на Вашингтон, О’Брајан му беше домаќин на нашиот министер за внатрешни работи, а на Светскиот економски форум во Давос имаше билатерална средба и со претседателот Пендаровски. Утре, недела, 21 јануари 2024 година, во Скопје, О’Брајан и претставници на Европската Унија, ќе имаат средба не само со државниот врв, туку и со лидерите на сите држави од Западен Балкан. Ако судиме по неговата изјава за медиумите, тогаш очигледно е дојдено времето за стабилност, безбедност и економски развој.Точно, изборите се врвот на демократијата. Но, за демократијата подеднакво важно е што се случува во периодот помеѓу двата изборни циклуси, а за стабилност, безбедност и економски развој, важно е каква е вашата надворешна политика, важно е со кого соработувате и кои се вашите партнери. Северна Македонија одамна избрала дека наши стратешки партнери се САД, Обединетото Кралство и Европската Унија. Дури и во Европската Унија партнерите се, или барем треба да ни бидат либералните и потполните демократии. За власта е неумесно да одбие средба или посета на некој од сојузниците, но може да биде претпазлива. Едноставно, тоа е луксуз кој таа, власта, не може да си го дозволи. За опозицијата, работите се сосем поинакви. Сојузништвото, верувам е јасно, а средбите се, или треба да бидат поедноставни. За мене лично, преферирам кога медиумите би зборувале за средби и соработка со Џејмс О’Брајан, лордот Пич или директорката Микаела Матуела, повеќе одошто за средби со Виктор Орбан, макар што Орбан, за разлика од другите е премиер.
Андреја Стојковски Андреја Стојковски има повеќе од две децении професионално искуство во граѓанското општество и во институциите, на меѓународни и европски прашања. Бил стипендијант на Агенцијата за меѓународна соработка и развој на Шпанија, како и алумни на програмата Отворен свет на Конгресната канцеларија за меѓународно лидерство и на Стејт департментот. Работел во Одделението за евроинтеграции при Генералниот секретаријат на Владата, а потоа на повеќе проекти како експерт за хармонизација со еколошкото законодавство. Бил предавач на две области на Универзитетот Американски Колеџ – Скопје, Екологија и одржлив развој, односно Структури и институции на Европската Унија. Во период од 18 месеци бил дел од Кабинетот на поранешниот премиер, Зоран Заев и на тимот за пристапни преговори како заменик на главниот технички преговарач. Од ноември 2019 година, Андреја е еден од основачите на Институтот ПРЕСПА од Скопје, а од февруари 2020 година и негов извршен директор. Како претставник на Институтот, членува во Постојаниот стратешки совет на министерот за надворешни работи и на Проектниот комитет МКД-НАТО2030 на Министерството за одбрана. Додека, во март 2023 година, бил назначен за специјален претставник на претседавачот на ОБСЕ за граѓанско општество.
Извор: Рацин