Дали ѝ треба на Македонија нов диктатор?

Имам еден пријател, роден е ненормален, а после полуде. Од таа одлепена позиција на квадрат, тој проникливо ми вели дека сосема го разбира однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ во ситуацијата во која се наоѓа Фамилијата: раководството морало групно да се одбрани од одење в затвор, бидејќи без такви луѓе целата смисла на таа денешна колективно компромитирана бандит-партија би се распаднала. Да, ми вели, на сите таму им е јасно дека многу грешки се направени и дека, за почеток, не морало толку многу да се краде… Но – типично за луцидните интервали во кои повремено запаѓа мојов ненормален пријател откако одлепи – со право заклучува дека ако се вратиш назад во животот за да ги поправиш сите грешки што си ги направил, ќе треба да престанеш да постоиш веќе негде веднаш после средно школо! На пример, можеш ли да го пресадиш дрвото што некогаш си го пресекол? Можеш ли да го поправиш бракот што ти се распаднал? Можеш ли да ја обновиш љубовта што исчезнала? Можеш ли да го вратиш украденото што си го потрошил… Направените грешки се, всушност, она што те изградило таков каков што си, бидејќи вистинските потези се подразбирале, биле логични, следствени и не можат да се третираат како особено постигнување и доказ за нечиј дострел во животот.

Така и за Фамилијата, спасот е само напред, во инсистирањето да се забошоти и да се заборави минатото, за историјата да се направи неизвесна, оти иднината им е така предвидлива.

Диктаторите се милостиви

А потоа, логично, со мојот ненормален, па одлепен пријател преоѓаме на темата за пружената милост, како една од можностите да се ремедираат, да се олеснат, да се излечат грешките од минатото: оние што многу грешеле бараат преговори за да им се простат не грешките, туку последиците од грешките, со ветување дека ќе станат подобри во иднина или дека, барем, со пружената милост за нив, ќе престане надолната спирала од грешки од која, инаку, не можат сами да излезат, а штетите се општи, заеднички.
Но, проблемот за пружената милост е во тоа што, кога милоста ќе се испорача, престанува разговорот за грешникот и почнува дебатата за оној кој милоста ја пружил. Бидејќи милоста, во суштина, е карактеристика на диктаторите.

Да делиш милост значи дека имаш моќ милоста и да не ја дадеш, таа е потврда дека имаш моќ да сечеш глави, од што ти произлегува силата да простуваш – без таа моќ, милоста нема смисла. Тоа ти е како да кажеш дека ти не си корумпиран, а никогаш не си бил во ситуација да можеш да злоупотребиш нешто што не е твое – и, навистина, сите што немале шанса да злоупотребат јавни ресурси се 100 отсто некорумпирани. Штосот е да можеш да крадеш јавни пари, а да не го правиш тоа. Значи, кога имаш моќ, можеш и да бидеш милостив. Но, тогаш, кога се стекнал со моќ, милостивиот, спасувајќи го грешникот, влегува во истата спирала на неговите грешки, па тој станува предмет на расправата за потребата од простување и потенцијален молител за милост во иднина.

Звучи заплеткано, ама така ти е кога треба да се објаснуваш со ненормални, па полудени луѓе.

Нормално лудило

Затоа модерните цивилизации со векови усовршуваат нешто што ќе ја исклучи апсолутистичката моќ – или христијанскиот нагон за простување, сеедно – за делење милост: Закон. Законот е над сите и важи за сите, за да не може некој да се договара со некој друг грешките да се простат арбитрарно, според наоѓањето на некого дека тој ја има моќта самиот да процени дали нешто треба да оди по Закон или со дадена милостина. Бидејќи, тоа, во спротивно, го раѓа логичното прашање: „Ѝ треба ли на Македонија нов диктатор? Некој кој, повторно, ќе ја има моќта да дели милост на грешните, како што досегашниве, практично, ја узурпираа(т) моќта да располагаат со нашите животи и имот?“

Така зборува мојот, од раѓање, ненормален пријател, кој подоцна одлепи и дополнително полуде. Тој е во позиција искрено да го разбере ВМРО-ДПМНЕ. За роденден ќе му купам беретка, црна, со извезено златно сонце од Вергина, и ќе му платам годишна членарина во Македонското патриотско здружение „Пере Тошев“ од Прилеп. Тамошните групни терапевтски сеанси, со ќебапи и шприцер на фонот на Цеца и Аца Лукас, можеби ќе му помогнат да се поврати, да се залечи и повторно да стане нормално луд, од раѓање.

Сите ги откачија

Во тој контекст, формирањето на „Македонскиот национален фронт“ во Велес неделава, како насилно и вооружено крило на партијата ВМРО-ДПМНЕ, и формално ја пренесува Фамилијата од теренот на политиката, на лизгавиот терен на тероризмот. Откако не остана НИТУ ЕДЕН релевантен меѓународен фактор (ЕУ, НАТО, Европскиот парламент, Советот на Европа, Обединетите нации, асоцијацијата на Европските народни партии, десетина наши билатерални државни партнери и редица проминентни меѓународни невладини организации итн.) кој би се ставил на страна на Фамилијата во постизборниот расплет на политичката криза во Македонија, на Русите не им остана ништо друго туку да ги поттикнат своите очајни партнери во Македонија да го следат провереното сириско сценарио: Не признавајте дека сте ја загубиле довербата на големото мнозинство граѓани на изборите, туку заканете се дека располагате со некакво убиствено хемиско оружје – на пример, флаширани прдежи на членовите на „Македонскиот национален фронт“ – и барајте да останете на власт, оти сте гнаси и подготвени да се расфрлате со прдеж-шишињата и да направите злодела и кон сопствениот народ, а особено кон Албанците, со стремеж да го дестабилизираме целиот регион, а по можност и цела Европа… А потоа, барајте нови преговори, на кои ќе инсистирате да има столче и за Москва! Па дури тогаш ќе ја закашкаме до крај, да видат предавниците колку големи патриоти вие можете да бидете!

Ова се, отприлика, пораките што портпаролите на „Македонскиот национален фронт“ – господата Борис Дамовски и некаков Бетмен – со треперливи гласови пропагандно ни ги интерпретираат секоја вечер пред неколкуте стотици насобрани граѓани во Скопје, а кои потоа уморно се прераскажуваат по провинциските меани, по здодевните социјални мрежи и по она што остана од медиумите на власта низ земјава.

Икебаната ги издаде!

Но, обелоденувањето на вооруженото крило на ДПМНЕ, се разбира, е знак на слабост и немоќ, а не обратно. Ескалирањето на заканата, таа претпоследна фаза во секој распад, е секогаш доказ за немањето аргументи, за поразот во политиката.
Она што мене во целиот овој развој на настаните ми дава оптимизам, е ИКЕБАНАТА на масата на која во Велес беа седнале за да се сликаат опасните припадници на разните патриотски „граѓански здруженија“ (?!) за да ги објават своите закани кон неистомислениците.

Е, таа икебана, централно поставена врз снежно белите кафеански чаршафи, ја разобличи оперетската, валкана џандарска инсталација, бидејќи УДБА секогаш заборава на деталите што ја издаваат нејзината „рака“ ги накитиле со крстови и ги облекле во црно групата злослутни мажиња седнати на масата, ама им туриле и една икебана пред нив, како неизбежен декор на секоја театрална балканска квазиполициска национал-шовинистичка кафеанска формација која се заканува со употреба на сила! Па, ви се молам, која сериозна терористичка организација во светов која држи до себе прави прес-конференции со факинг икебани на масата?!

Затоа и велам дека мојот пријател што се роди ненормален, а потоа полуде, можеби е во право: колку повеќе хаос и закани произведува Фамилијата во својата терминална фаза, толку повеќе ќе ја засили желбата кај граѓаните за нормалност и правда. Колку повеќе будали ќе се сликаат на маси со икебани, толку помалку народ привлекуваат кон каузата на будалите. Тој ракопис овде веќе и мали деца го препознаваат. Бидејќи ние мора да сме родени ненормални, за дури потоа да полудиме.

Сашо Орданоски

(Колумната е објавена во „Слободен печат“)

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e