„Да дојде за премиер, да го спречи тоа што му следува!“

Го гледав интервјуто на Груевски за да видам што било тоа што се заканувал. Не го догледав до крај, морам да кажам. Доста ми беше по 5-тата минута.

Си ускратив, секако, просветление, но ете научив неколку работи.

Прво, дека некој му звони на Груевски на сред интервју, и тоа последователно. Си помислив така на Протуѓер, кој сигурно да беше тука не ќе му дозволеше онака да ги измеша страниците од подготовката.

Мартин ли ѕвонеше? Зошто Иво не би смеел!

Второ, дека Груевски е нервозен и гласот му трепери. Можеби што и самиот знае дека форсирањето на етничка карта е крајниот потег во играта и, како опасна варијанта, се влече кога нема излез, но никогаш не завршува на арно.

Трето, во обидот за замена на тези и обидувајќи се да ни објасни зошто, ете, Зоран Заев ја прифатил албанската платформа, кажа една многу важна работа: “се обидува да се извлече, да дојде за премиер, да го спречи тоа што му следува”!

И ете така на 3-тата минута веќе ја добивме поентата на сите постапки на Груевски. Затоа на почетокот пишав дека ми текна на Протуѓер кој ова некако повешто ќе го завиткаше во обланда. Но, Мартин го нема, Ставревски го нема, ги нема ни Миле и Гордана, а прочитав некаде дека и Друштвото од Аминта се чувствува напуштено од лидерот и тажи што ги држеле на дистанца од овие протести “за спас на Македонија”, иако народот нив ги сакал. Сите пусти пуштени низ вода, но водата не пере.

Груевски, останат сам, по сопствен избор заради свое “исчистување” од симболите на неговото коруптивно владеење, сега со некои нови деца, ќе јава на национализмот за да спаси глава – ни Македонија, ни Македонци, ни држава, ни бутур.

Тепачиштето од Ѓорче напреднало па сега од нарачките за по некој шамар пред општина Центар, за што е во тек постапка пред суд, се закани: “нека му ја мислат тие политичари што одат против волјата на народот; ние не одиме против волјата на народот”!

И се разбира, сето ова што тој изнасилено го нарекува “политичка криза”, а е всушност институционална криза, наскоро ќе има и таква институционална разрешница. Правните манипулации со устав, деловник на собрание, рокови и слично, се сега исцрпени и исходот од сето тоа е сосема на повидок. Останува еден мал простор во кој ќе се искористи последниот џокер за спас на Груевски.

Не сум наивна да верувам дека со конституирање на влада проблемите ќе престанат. Напротив. Верувам дека протестите и блокадите ќе бидат огромни, особено ако Груевски не замине навреме “на службен пат” и биде притворен. Но, ги посочив овие денови до институционална разрешница на кризата како клучни, бидејќи се бие битка по секоја цена да се задржи власта заради личен спас на Груевски: “Да дојде за премиер, да го спречи тоа што му следува!”. По лично признание на Тепачиштето од Ѓорче, кој, очигледно многу добро знае како тоа кога си премиер ќе можеш да го спречиш тоа што ти следува. Сваровски судството ќе остане трејдмарк на неговото владеење како “премиер што го спречува тоа што му следува”, но и сите други нешта што ги чувме при она “Миле, ми текна” – и закани, и притисоци, и динамити, и наоѓање ситни службеници за потпис на нелегални документи, зошто, нели, што ти е гајле “таа ќе оди во затвор, не ти”, плус платено и подмачкано со оние “барај им 15 проценти на Кинезите -а да не е многу? – не, не е, ти побарај им и ќе видиме!”

Е поради се ова, јас престанав да го гледам интервјуто понатаму. Може кажал и други некои нешта. Секако, неговата поента е да излезе и да врши притисок по секоја цена да биде дел од новата влада: како малцинска, како широка, како национална или мешана, со албанска платформа или не; ништо од тоа не е важно, освен да се виде дел од власта. Затоа, платформата не му пречеше ни нему, ни на Иванов, кога се обиде безуспешно да направи влада. Ќе им ја топори сега на оние што се секојдневно надвор. Ќе ги користи и нив за притисок врз Хан и меѓународната заедница, па макар и на нови избори да се оди.

И сето тоа, со една цел: “Да дојде за премиер, да го спречи тоа што му следува!”.

Фејсбк статус на Елеонора Каранфиловска Ретклиф

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e