Ало Даниела, овде Будим од Пешта, продужи така, боља си и од Трифун

Повеќе од јасно е дека Данела му послужила само како спотер на Мицкоски на изборите, за всушност на власт да дојде ВМРО-ДПМНЕ. Сега таа веќе и не им треба, го имаат Трајко Славески како претседател на Советот на градот и ќе си владеат преку Советот.

Данела, видливо, не се лути поради тоа, затоа што вака си е покомотна. Можеби таков бил и дилот пред изборите, кој знае! Таа е градоначалничка, само номинално. Доаѓа или не доаѓа на пратенички прашања, кога сака. Прес-конференции не држи. Никој не знае каде е. Не мислам приватно. Важно за граѓаните е што ја нема онаму каде што треба да биде, каде што скопјани имаат потреби од неа. Но таа е како дух, вели дека е тука, а сепак никој не може да ја види. Не само да ја види, неа ретко кој може и да ја слушне. Еве неодамна на тоа се пожали и градоначалникот на Карпош, Стефчо Јакимовски, а се жалат и многу новинари и новинарки со кои била блиска додека беше претседателка на Сојузот на стопански комори. Но, со неа изгледа редовно се слуша Будим, од Пешта. Си прават т.н. „муабети на апсурдот“ како во Кафка:

„Ајде кажи ми како сега да ги рушам некои објекти кои се за рушење, кои се незаконски изградени, после сè ова што ти се случува тебе и на другите? Па подобро да одговарам за не срушено нешто што требало да се сруши, отколку за срушено, а што требало да се сруши”.

Како молам!!? Не разбрав!!…„Не уривам, а треба да уривам, ама ако уривам, за срушеното ќе треба да дојдам кај тебе“…не, поинаку беше, ама слично, неразбирливо.

Затоа, градоналаничке поарно ниту гради, ниту руши, седи си таму во паркот, и читај нешто корисно. На пример како да се биде од корист на градот.

Но очигледно Будим од Пешта веќе извршил влијание врз неа преку редовните контакти, па таа ја применува неговата формула на владеење. Веќе слушам како и вели: „Појавувај се во јавноста само за добро, за фалби и промоции, никако онаму каде има проблеми. Всушност не признавај воопшто дека проблеми постојат. А новинарите, батали ги, тие се злобни. Пуштај им соопштенија, нека читаат“.

Можеби сето ова личи на шега, но не е смешно. Очигледно граѓаните се прелажани дека со „независен“ кандидат ќе добијат градски „татко“ (мајка, во случајов) кој(а) ќе има слух за нивните проблеми, необременет(а) од партиски влијанија. Личност која многу ветуваше, а ништо од тоа не исполнува, па виде не виде, почна (фала Богу) да ги доработува проектите на „арогантниот“, „не милиот“, Петре Шилегов, кој секој ден беше „бомбардиран“ од новинарите за сите проекти кои ги промовираше, но и сите проблеми кои стоеја пред градот.

Но, освен граѓаните, се чини дека и ВМРО-ДПМНЕ се прелажа што „играше“ со независен кандидат. Последиците по рејтингот на партијата ќе им бидат катастрофални, ако нешто не се случи на арно во наредниот период. Како ќе се вадат за сите неуспеси, за сите најавени, а нерелизирани проекти, со: „Не беше наша“?

Да, ама тоа отвора многу прашања. На пример, зошто тогаш ја одбравте неа, а не некој од партијата? Зошто не Коце на пример? Немавте ли некој подобар? Или сакавте да ја излажете јавноста со „независен“ кандидат, затоа што вашиот немаше да пројде, кај гласачите? Кој всушност владееше со градот, таа или вие?

А не им е прв пат на ВМРО-ДПМНЕ да се „преиграат“ со независен кандидат за градоначалник. Тоа веќе го направија со Трифун Костовски во 2005-та и пак памет не им доаѓа.
Љубиша Николовски за Фронтлајн

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e