Принцот Хари: Ми беа потребни многу, многу години за да сфатам што е расизмот

Британскиот принц Хари вели дека му биле потребни години за да сфати дека несвесната расна пристрасност постои и дека дошол до ова сознание откако се обидел да ја разбере позицијата на неговата сопруга Меган Маркл, чиј татко е белец, а мајка ѝ е Афроамериканка.

Принцот разговараше за расизмот со Патрик Хачинсон, црнец и активист за граѓански права, во минатонеделното интервју за магазинот „Џи-кју“. На антирасистички протест одржан во јули во Лондон, Хачинсон му помогна на еден бел човек да се засолни на безбедно место за време на конфликт меѓу демонстрантите и ултрадесничари.

Хари во разговорот рече дека поради неговата несвесна расна пристрасност, воспитувањето и образованието, тој не можел да разбере дека расизмот постои и што точно значи тоа.

– За жал, ми беа потребни многу, многу години за да го сфатам тоа. А, во тоа ми помогна мојата сопруга Меган, изјави британскиот принц.

Хари и Меган постојано јавно зборуваат за расизмот откако ги напуштија своите кралски должности кон крајот на март, кога се преселија во Северна Америка… Принцот го пофали Хачинсон, кој бил редовен учесник на протестите против расизмот во Лондон, како „ангел чувар“ кој ги штител сите луѓе на демонстрациите.

– Јас ги штитев сите, а се покажа дека тука имаше и луѓе од другата страна… Би му помогнал секому, во секое време, рече Хачисон.

Тој и Хари се согласија дека треба да се стори многу повеќе за да се победи дискриминацијата по сите основи.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e