Претставен новиот албум на Влатко Стефановски – „Тафталиџе шафл“

Новиот албум на Влатко Стефановски – „Тафталиџе шафл“ беше претставен како дел од вчерашниот онлајн новогодишен настан на „Арс Ламина“ и „Литература.мк“.
– Сакам да сум полежерен одошто сум и да сум порелаксиран одошто сум. Музиката што ја направив заедно со соработниците сакав да звучи опуштено со оглед дека сите сме под притисок од секојдневниот стрес од информациите што нè напаѓаат и електронските играчки коишто се преполни со шокантни вести. Најмногу уживам кога ќе пуштам некоја плоча, што често го правам, за да се исклучам и да се навратам кон некои помирни времиња, изјави гитарскиот виртуоз Влатко Стефановски за албумот „Тафталиџе шафл“.

Се работи за весело и романтично музичко издание со девет нумери. Учествуваат и Никола Ристановски, Диран Тавитјан, Кирил Џајковски, кои го дадоа својот придонес и печат на албумот.

– Тафталиџе како населба е фанк-населба и секаде околу мене имаше некој од мојата генерација кој страсно собираше плочи и тој фанк или лајт џез преовладуваше. Тафталиџе во шеесеттите и седумдесеттите години живееше една убава средна класа и тој лајт џез и фанк едноставно прилега на населбата, изјави Стефановски.

Воедно, на настанот беше промовиран и спотот за песната „Огледало“ која е дел од овој нов албум.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e