Нови 30 епизоди од серијалот за деца „Дајте музика“ од 4 ноември на МРТ

Од 4 ноември 2020 на првата програма на МРТ ќе почне прикажувањето на новата сезона на серијалот за деца „Дајте музика“ со 30 епизоди. Снимени се во копродукција на Македонската радио-телевизија и продукцијата „Рифенштал”. Автор на серијалот е Цаци Паковска, режисер е Марко Ѓоковиќ.

Во новиот серијал учествуваат четириесетина деца, најголем дел од актерската школа на Весна Петрушевска, а голем дел се избрани на јавен повик за млади таленти објавен од продукцијата.

Оттаму најавија дека серијалот ќе има многу македонска музика, сопствен бенд, битка за тронот „главен во маалото“, детски кавги и помирувања и други разни згоди и незгоди на добропознатите старомаалци. Целта на новите продлженија е преку забава да ги поттикнат традиционалните семејни вредности – добро однесување, здрави навики, чесност, одговорност, вистинско другарство и емпатија – низ призмата на модерната генерација и новите детски идоли.

Во новите 30 епизоди ќе има 30 музички спотови од кои 19 се снимени на надворешни локации, интересни теми и гости и многу нови содржини во однос на минатата сезона. Серијалот се реализираше согласно со препораките од Комисијата за заразни болести и насоките од Aсоцијацијата на европски филмски агенции (ЕФАД).

– Предизвикот беше огромен. Од една страна, имавме проект кој за неполна година достигна близу 14,5 милиони прегледи и над 25 илјади претплатници на Јутјуб, прекрасна идеја за нови продолженија, ентузијастички расположен тим и огромна желба да го реализираме проектот. Од друга страна, бевме соочени со опасностите при работа во услови на пандемија. Наш прв приоритет беше да го комплетираме проектот здрави, во што и успеавме. Мислам дека нашата публика ќе биде задоволна од сработеното, изјави Паковска, продуцент и автор на серијалот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e