Заев: Со градоначалниците од полошките општини утврдивме приоритети за инфраструктурните проекти

Владата на Република Северна Македонија вечерва одржа седница во Тетово, како втора од утврдените 10 седници што во наредниот период еднаш месечно, ќе се одржуваат во десет различни региони во државата.

Претседателот на Владата, Зоран Заев ја отвори седницата со централната точка на дневниот ред: Информација за состојбите и извршените посети во општините Тетово, Гостивар, Јегуновце, Врапчиште, Боговиње, Брвеница, Теарце и Желино.

Заев се заблагодари до Општина Тетово и до градоначалничката Теута Арифи што за оваа цел ја отстапија салата за седници и ја овозможија логистиката за одржување на седницата.

„Им благодарам за присуството и на градоначалниците од овој регион, од општините Гостивар, Јегуновце, Врапчиште, Боговиње, Брвеница, Теарце и Желино. Вашето присуство вечерва тука е исклучително значајно за да ги добиеме информациите од интерес на граѓаните од нивните заедници од прва рака, и согласно тоа да ги димензионираме нашите идни политики и одлуките за проекти кои може да се реализираат заедно со централната власт“, рече премиерот.

Според него, оваа цел на владата може да се оствари и врз основа на искуствата од бројните проекти што ги реализирала централната власт и што се од посебен интерес на граѓаните од полошкиот регион.

„Таква инвестиција е изградбата на гасоводот на делницата Скопје-Тетово-Гостивар во должина од 76 километри, вреден 29 милиони евра. Целосно ќе биде изграден во 2020 година кога ќе го доведеме гасот до граѓаните и компаниите во Гостивар и Тетово со што значително ќе се намалат на трошоците на граѓаните и ќе биде од огромен придонес за намалување на аерозагадувањето. Ја завршивме изградбата на филтер станицата на водоснабдителниот систем во Тетово со што градот сега се снабдува со квалитетна вода“, рече Заев.

Премиерот истакна дека се рехабилитираат неколку патни правци од Тетово, но и дека со изградба на водоснабдителниот систем на Општина Желино, создале услови за поврзување на 18 населени места во општината.

„Заврши и рехабилитацијата на регионален пат Тетово-Попова Шапка во должина од 18,2 километри, инвестиција вредна 1,7 милиони евра и се подобри пристапноста до скијачкиот центар Попова Шапка за сите посетители. Го рехабилитираме регионален пат Гостивар-Колари-Кичево и извршивме реконструкција на 5 мостови на оваа делница, и на патот до Охрид ја подобруваме безбедноста на сообраќајот за сите возачи“, истакна Заев.

Во продолжение на седницата говореа градоначалниците и претставниците на општините од овој регион и беа утврдени насоките за остварување на тековни проекти кои се реализираат во соработка на локалните и централната власт и се презентираа идните приоритети кои главни се однесуваат на инфраструктурните проекти во патната мрежа, во образовните институции, како и во проектите за водоснабдување, канализационите системи и депониите за обработка на отпадот.

Ознаки:

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e