Возачот на Игор Јанушев 30 дена во притвор поради мито

За 1.500 евра на скопјанец му ветил дека ќе отвори врата до пожарникарско место во скопската продивпожарна бригада, но наместо тоа му се затвори вратата од ќелијата во Шутка. Уапсен е возачот на генералниот секретар на Владата Игор Јанушев. Полицијата го фатила додека земал дел од договорените пари како поткуп.

Според Обвинителството, возачот со иницијали Д.Ц. побарал 1.500 евра од скопјанец, ветувајќи му дека ќе му помогне да се вработи како пожарникар во Град Скопје. Граѓанинот го пријавил случајот, а потоа во договор со полицијата биле подготвени и обележани парите. Пред два дена, кога возазчот на владиниот генсек зел 500 евра од договорената сума, полицијата го уапси. И додека обвинителството истражува колку далеку требало да стигне неговото ветено „влијание“, тој денеска заврши и во притвор.

„Ценејќи дека постојат околности што укажуваат на опасност од бегство, можност осомничениот да влијае врз сведоците во постапката, како и околности што го оправдуваат стравувањето дека може да го повтори кривичното дело, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор. Судијата на претходна постапка го прифати предлогот на обвинителството и со решение на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена.“

Апсењето на возачот на Игор Јанушев, според СДСМ, отвора прашање дали тој дејствувал сам или зад ветеното вработување стоел уште некој. Од опозициската партија бараат истрагата да утврди каква била улогата на генералниот секретар на Владата во целиот случај.

Јанушев попладнево се огласи на фејсбук и ја поздрави полициската акција, како и граѓанинот кој го пријавил барањето за мито. Вели дека за корупција мора да има нулта толеранција и дека случајот покажува оти институциите постапуваат без оглед на тоа кој е осомничен. Обвинувањата на СДСМ ги нарече политичка конструкција и обид од конкретен случај да се создаде приказна што, според него, не постои.

„Целосно се оградувам од постапувањето на приведеното лице. Неговото постапување нема никаква врска со мене, со мојата функција, со моето работење или со каква било моја одлука или постапка. Лицето е возач кој во минатото работел и кај други функционери, а на позицијата возач кај генерален секретар е само околу шест месеци. Неговото незаконско постапување е исклучиво негова лична одговорност и за стореното треба да одговара пред надлежните институции.“

Од Владата велат дека Д.Ц. работел како возач за потребите на Генералниот секретаријат и дека акцијата била спроведена во соработка со МВР, како дел од, како што велат, бескомпромисната борба против корупцијата.

„Со ова се подвлекува јасна граница помеѓу оние кои сакаат злоупотреби, и сите други кои се борат против нив. Ова е уште еден пример како преку заедничка соработка на органите и институциите може да се спроведе правда.“

Ова не е прв случај во мандатот на актуелната Влада во кој човек од државните структури завршува зад решетки поради сомнежи за корупција. Претходно беше уапсен Ангел Самараков од обезбедувањето на премиерот, во случај со поткуп од 50 илјади евра за доверливи информации, како и директорите од земјоделие Илија Стоилев и Васе Анакиев. Стоилев беше фатен со 400 од ветените 50 илјади евра за да одобри ИПАРД проект, а кај Анакив беа најдени 50 илјади евра, како прва рата од побарани 100 илјади за непречен увоз на земјоделска стока.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e