Еве кога започнува зимското сметање на времето

Промената од летно на зимско сметање на времето и годинава ќе биде дел од календарот во Европа. Според утврдениот распоред, стрелките на часовниците ќе се поместат еден час наназад во последниот викенд од октомври.

На 25 октомври 2026 година, во 3 часот по полноќ, часовниците ќе се вратат на 2 часот. Со тоа официјално започнува зимското сметање на времето.

Промената, сепак, не значи дека системот на двојно поместување на часовникот е загарантиран и во наредните години. Европската комисија има објавено распоред според постојните правила, но земјите-членки и понатаму можат да донесат одлука за евентуално укинување на оваа практика.

Според актуелниот календар, летното сметање на времето во 2027 година ќе започне на 28 март, кога часовниците ќе се поместат еден час нанапред. Летниот период ќе трае до 31 октомври 2027 година, кога повторно ќе следува враќање на зимското сметање.

Идејата за укинување на сезонското поместување на часовниците веќе подолго време е тема во Европската Унија. Европскиот парламент во 2019 година поддржа предлог промената на часовникот да престане, но земјите-членки не постигнаа конечен договор дали трајно да се задржи летното или зимското време.

Поради тоа, и натаму се применува досегашното правило – часовниците се поместуваат во последниот викенд од март и последниот викенд од октомври.

Истата практика се применува и во Северна Македонија. Според правилата, во пролет часовникот оди еден час нанапред, додека во есен стрелките се враќаат еден час назад.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e