Скопје утре ќе биде во знакот на големиот музички спектакл со настапот на светската диџеј-ѕвезда Дејвид Гета, со кој ќе заврши едномесечното одбележување на 35-годишнината од независноста на Република Македонија.
Вратите на Градскиот стадион во Скопје ќе бидат отворени во 17 часот, а од Министерството за внатрешни работи и организаторот „Авалон продукција“ ги повикаа посетителите да пристигнат навреме и доследно да ги почитуваат упатствата на полицијата и редарските служби, објави 4news.mk
Од МВР информираат дека за концертот е изготвен посебен план за безбедност, со цел непречено одвивање на настанот, одржување на јавниот ред и мир, како и безбедно пристигнување и враќање на посетителите.
„Безбедноста на сите присутни граѓани и самото непречено одвивање на настанот и одржувањето на поволен ред и мир се приоритет на МВР“, изјави Билјана Сарагинова, началник на униформираната полиција при МВР.
Посетителите треба да имаат предвид дека на стадионот нема да биде дозволено внесување оружје, експлозивни материи, како и ладно оружје, вклучително ножеви, боксирачи и палки. Забрането е и внесување стаклени шишиња, алкохолни пијалаци и лименки.
Од полицијата апелираат граѓаните да не носат големи ранци и торби, бидејќи тие ќе бидат отстранети при влезот.
За утрешниот настан СВР Скопје ќе спроведува посебни мерки за физичко и сообраќајно обезбедување. Ќе има и посебен сообраќаен режим на приодите кон арената „Тодор Проески“, како и на дел од булеварот „Илинден“, со цел да се овозможи непречено движење и навремено пристигнување на посетителите.
Од „Авалон продукција“ очекуваат концертот да помине без проблеми, како и останатите настани организирани во рамки на одбележувањето на 35 години независност.
Организаторот повторно ја посочи и важноста од навремена замена на влезниците со нараквици. Според Бобан Милошевски од „Авалон продукција“, ваквиот систем е неопходен за да се избегнат долги задржувања на влезовите и целиот процес да се одвива побрзо.
Со концертот на Дејвид Гета ќе заврши едномесечната програма посветена на одбележувањето на 35-годишнината од независноста на Македонија.
