Лидерската средба за новиот Закон за јавно обвинителство ќе се одржи во вторник во Собранието кога се очекува Заев и Мицкоски да објават дека договор за новиот Закон е постигнат.
До тогаш работните партиски групи кои денеска се среќаваат во Собранието треба да ги прецизираат деталите.
„Очекуваме од работните групи да кажат дали има потреба за лидерска средсба. Тие денеска имаат средба. Ако тие заклучат, двете страни од работните групи, јас сум подготвен зас редба со господинот Мицкоски и други лидери ако треба. Целта е да се изнајде решение за Законот за јавно обвинителство“, рече денеска Заев.
И од ВМРО ДПМНЕ потврдија дека Мицкоски ќе присуствува на средбата закажана во вторник во Собранието.
Лидерската средба се одржува по консултациите во Министерството за правда и средбите меѓу власта и опозицијата за новиот Закон за јавно обвинителство и судбината на СЈО.
Јавниот обвинител Јовески веќе соопшти дека Обвинителството ќе ги преземе предметите и истрагите кои ќе му ги предадат од СЈО. Стручниот колегиум го разгледал писмото на Јанева, но и писмото од обвинителите на СЈО и донел одлука да ги презема предметите кои ќе му ги предаде СЈО.
Катица Јанева бараше сите судски предмети, истраги и обвиненија кои ги води СЈО да ги преземе Јовески.
Обвинителката од СЈО Ленче Ристовска денеска не сакаше да коментира што ќе се случи со предметите на СЈО.
„Во врска со сите тековни случувања, кога ќе имаме информации што ќе можеме да ви ги соопштиме верувајте дека ќе ви ги соопштиме. Верувам дека деновиве ќе имате информации и од Специјалното јавно обвинителство кои ќе бидат објавени на нашата веб страна”, рече Ристовска по средбата во Министерството за правда.
Таа не одговори ниту што ќе се случи со обвинителите од СЈО. Според последните информации, мандатот на обвинителите во СЈО воопшто нема да биде дел од новиот Закон за јавно обвинителство, затоа што нивниот мандат се толкува дека ќе заврши на 15 септември кога истекува мандатот на Јанева.
Доколку преовлада оваа опција, обвинителите од СЈО ќе треба да се вратат во Обвинителствата од каде што дошле. Стручните служби и другите вработени во СЈО најверојатно ќе бидат префрлени во Обвинителството за организиран криминал.
Ваквото решение предизвика различни коментари од правната фела. За професорот Калајџиев – ова значи крај на СЈО, а за професорот Камбовски една од опциите за продолжување на истрагите.
„Донесена е одлука да згасне СЈО. Но никој не кажува зошто. На состанокот беа и претставници од Американската амбасада но излегоа од задната страна. Не знам кога се откажаа од СЈО“ рече Калајџиев по состанокот во Министерството за правда.
Од Блупринт – коалицијата на невладини организации за реформи во правосудството нагласуваат дека за нив е единствено прифатливо СЈО да продолжи да функционира автономно.
„Ова би се постигнало доколку СЈО се доведе на ист ранг како Обвинителството за организиран криминал, со тоа што би се разграничиле надлежностите – едното да гони висока корупција на избрани функционери, а другото за организиран криминал и корупција“, рече Натали Петровска од Коалицијата „Сите за правично судење“.
Законот за јавно обвинителство се носи со двотретинско мнозинство и треба да биде донесен пред 15 септември кога завршува мандатот на Јанева.
Извор: НОВАТВ.МК