Охридскиот Регион се наоѓа пред една од најважните одлуки во својата понова историја. На претстојната 48. сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, која ќе се одржи во Бусан, Јужна Кореја, ќе се разгледува можноста регионот да биде впишан на Листата на светско наследство во опасност.
Доколку биде донесена таква одлука, Охрид нема да го изгуби статусот на светско наследство, но ќе биде официјално признато дека неговите природни и културни богатства се под сериозна закана и дека е потребен засилен меѓународен надзор. Конечната одлука се очекува на 22 јули.
УНЕСКО со години предупредува дека Македонија и Албанија не преземаат доволно ефикасни мерки за зачувување на регионот. Како главни проблеми се наведуваат неконтролираното градење, дивоградбите, загадувањето на езерото, несоодветното просторно планирање и инфраструктурните проекти кои можат да му наштетат на ова уникатно подрачје.
Организацијата бара конкретни чекори за подобра заштита, отстранување на објектите што го нарушуваат наследството, како и поефикасна соработка меѓу Македонија и Албанија.
Многу еколошки организации сметаат дека евентуалното ставање на Листата во опасност може да биде последната шанса институциите конечно да преземат сериозни мерки за зачувување на Охридскиот Регион, кој претставува едно од највредните природни и културни богатства во Европа.
