Државниот универзитет во Тетово соопшти дека починал нивниот студент Емре Назиф од Крушево, кој го загубил животот во Германија.
По повод трагичната вест, ректорот на Универзитетот, проф. д-р Куштрим Ахмети, упати телеграма со сочувство до семејството, истакнувајќи дека прераната смрт на Емре претставува голема загуба за академската заедница.
Во телеграмата, Назиф е опишан како примерен студент на Катедрата за англиски јазик, кој се истакнувал со својата посветеност, одговорност и човечки вредности. Според ректорот, тој ќе остане запаметен по својата мудрост, сериозен пристап кон студиите и културно однесување.
„Емре ќе остане во сеќавањето на професорите, студентите и на сите кои ја имаа привилегијата да го познаваат“, се наведува во телеграмата.
Во име на Државниот универзитет во Тетово, ректорот Ахмети упати искрено сочувство до семејството Назиф, роднините, пријателите, колегите и целата академска заедница, посакувајќи им сила и храброст во овие тешки моменти.
