(ВИДЕО) Заев: Максимално се посветуваме на бенефитите за граѓаните, со сериозни, крупни рационални одлуки во економијата и реформите

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, во завршното обраќање на собраниската седница за избор на членови на Владата порача дека во услови кога државата до крајот на годината очекува влез во НАТО и почеток на преговорите со ЕУ, се максимилизираат ефектите од реформите, посебно во економијата, преку сериозни, крупни одлуки што ќе бидат донесени, за граѓаните да ги почувствуваат бенефитите.

„Оваа промена има конечна цел подготовка во период којшто е драгоцен и не треба да го пропуштиме, туку треба да се подготвиме со сите свои максимални капацитети да го искористиме“, рече премиерот Заев, наведувајќи дека таков период се случувал во сите земји кога станувале членки на НАТО или кога отворале поглавја во ЕУ.

„Јас сум убеден дека до крајот на годината, декември, имаме огромни шанси да станеме членка на НАТО. 20 земји веќе го ратификуваа протоколот за НАТО. Убеден сум дека ќе ги отвориме поглавјата до крајот на годината, 23 и 24, што претставува, по скоро 15 години, конечно отворање на преговорите, што нашата земја толку години ги посакува.
Во еден ваков период треба да се посветиме максимално на севкупните реформи во државата, со максимален импакт. Верувам дека најголемите реформи се во нашата поединечна, лична одговорност, од премиерот, министрите, но понатаму и на сите граѓани на оваа наша земја, да го зголемиме својот капацитет на продуктивност, одговорност, чесност и посветеност. Ова е драгоцен период што не се пропушта и во којшто мораме да ги максимилизираме сите ефекти, за граѓаните да може да ги почувствуваат тие ефекти“, додаде премиерот Заев.

Во врска со неговиот придонес во работењето на Министерството за финансии, претседателот на Владата, Заев рече дека негова амбиција не е да потпишува или да прави нешто што би правел министер.

„Амбицијата е да ги максимилизирам моите односи на одговорност преку преземањето сериозни крупни одлуки, коишто можеби досега никој и не ги размислувал и не ги преземал, апсолутно рационални, одговорни, но исклучиво коишто треба да донесат бенефит и придобивки за сите граѓани во оваа наша земја“, рече премиерот Заев.
Претседателот на Владата, Заев посочи дека „целта на реконструкцијата се пред сé интересите на граѓаните и на државата и ништо повеќе“. Тој додаде дека „легитимни се и политичките цели на ова парламентарно мнозинство, знаејќи дека конечно во декември ги исполнуваме двете наши стратешки цели, за коишто ќе признаат сите презедовме храбри чекори, ние од Владата, но и мнозинство од 81 пратеник во Собранието, за конечно да станеме членка на НАТО и да отвориме поглавја и преговори за нашата земја, да тргнат и дополнителни фондови, од коишто бенефит ќе имаат нашите граѓани“.

„И логично е и исправно, ова политичко раководство да излезе пред Парламентот, вака поставен на исполнување на политичките цели, да ги исполни до максимум можно сите економски ефекти од коишто бенефит ќе видат граѓаните на оваа земја, за секако 2020, којашто е изборна година, да се позиционираме повторно добро и да ја добиеме уште еднаш поддршката од граѓаните на нашата земја, за да продолжиме во овој дух да ја водиме земјата, чесно, отчетно и одговорно, да продолжиме да им служиме на граѓаните“, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Зоран Заев, во завршното обраќање на седницата во Парламентот за избор на нови членови на Владата рече дека промените во делот на реконструкцијата, се само дел од најавените промени што веќе се случуваат, а дискутираното во Собранието го оцени како здраво за уште попосветено и поуспешно работење.

Пратениците, со мнозинство гласови ги избраа новите министри во Владата:

Трајан Димковски, за министер кој ќе раководи со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство,

Насер Нуредини, за министер кој ќе раководи со Министерството за  животна средина и просторно планирање,

Садула Дураки, за министер кој ќе раководи со Министерството за политички систем и односи помеѓу заедниците,

Хусни Исмаили, за министер кој ќе раководи со Министерството за култура и

Горан Милевски, за министер кој ќе раководи со Министерството за локална самоуправа.

Новите членови на Владата дадоа и потпишаа изјави пред пратениците дека функцијата ќе ја вршат совесно и одговорно, согласно Уставот и законите на Република Северна Македонија.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e