(ВИДЕО) Коневски за 360°: Вонреден конгрес треба да има, Мијалков нема амбиции за лидер на ВМРО-ДПМНЕ

Вонреден партиски конгрес е извесно дека ќе се случи, а идниот месец ќе се знае и точниот датум, категорични се дел од членовите на ВМРО-ДПМНЕ кои се дел од Иницијативниот одбор за свикување конгрес. Во интервју за „360 степени“ поранешниот градоначалник на Општина Аеродром, Ивица Коневски, вели дека актуелниот лидер Христијан Мицкоски не ги реализирал трите нешта поради кои делегатите го избрале во 2017 година – да ја обедини партијата, да ги подобри коалициските капацитети и да ги обнови односите со меѓународната заедница и дека и на трите полиња состојбата е полоша од било кога.
„Фер е пред самите делегати кои му ја дадоа довербата да ја води партијата, да се свика конгрес на кој ќе се дискутираат причините за изборните порази на партијата. Тоа гледам не е размислување на самиот претседател, негова интенција е да се премости овој период до Нова година и наредниот период во 2021 да имаме редовен конгрес, кога претпоставувам Мицкоски ќе избере свои делегати од кои потоа би ја барал поддршката да ја води партијата“, вели Коневски и оценува дека ова не е фер кон делегатите кои претходно му ја дале довербата да ја води партијата.

На прашањето дали поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, стои зад нивната иницијатива, Коневски вели дека има голем број од поранешните функционери на ВМРО-ДПМНЕ кои имаат исти ставови со Иницијативниот одбор.

„Поранешниот директор на УБК, како и многу поранешни партиски функционери, па и многу членови кои не се дел од Инивијативниот одбор, се на став дека по неколку последователни порази и по поразот на парламентарните избори, треба да има одговoрност и вонреден конгрес. Поврзувањето кое го прави претседателот на партијата има неискрени намери, во таа конотација него му е поважно да направи една компромитација на иницијативниот одбор и на ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, од аспект на тоа дека сме соработници со мрачни сили, дека сите ние сме соработници со сегашната власт, што е далеку од вистината“, одговара Коневски.

Според него, Мијалков нема лидерски ниту амбиции да биде повторно активен во политиката.

„Неговото јавно излагање е барање одговорност и вонреден конгрес заради неуспесите на самата политичка партијата. Сепак, тој е еден од основачите на партијата и има право да ја следи состојбата и, како и сите ние коишто сме загрижени, има право и тој да биде загрижен. На крај, тој беше и еден од тие коишто го поддржаа Христијан Мицкоски да биде претседател на партијата и не е чесно од страна н актуелниот претседател на партијата да се однесува дискредитирачки кон сите што му ја дадоа поддршката во 2017 година“, вели Коневски.

Запрашан дали тој има амбиции за лидерското место, Коневски рече дека ниту тој самиот не се гледа како претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e