Србија, Северна Македонија и Албанија со заедничка дигитална туристичка платформа

Министерката за трговија, туризам и телекомуникации на Србија, Татјана Матиќ, денеска, по средбата во Белград со министерката за туризам и животна средина на Албанија, Мирела Кумбара Фурџи, изјави дека двете земји заедно со Северна Македонија како дел од иницијативата Отворен Балкан ќе создадат заедничка дигитална платформа на туристичка понуда на овие земји, јави дописникот на МИА од Белград.

Министрите за туризам на Србија и Албанија најавија и создавање заеднички регионален центар за решавање на проблемот со недостигот на работна сила, како и проект поврзан со дигитализација на туристичката понуда.

-Би сакале Албанија и Северна Македонија да ни се придружат во овој проект, со цел да имаме заедничка дигитална платформа во рамките на иницијативата Отворен Балкан, рече Матиќ.

Ова е, додаде, наш прв оперативен состанок по потпишувањето на меморандумот за соработка во областа на туризмот во Охрид, на кој договоривме конкретни чекори за понатамошна соработка. Матиќ на прес-конференција по средбата посочи дека таа и нејзината колешка од Албанија разговарале и за подобрување на соработката и заеднички настап на трети пазари, особено кога станува збор за туристичката понуда за Кина и другите азиски земји.

Матиќ истакна дека „Ер Србија“ планира до крајот на годината да воспостави директни летови до Кина и дека заедничкиот настап на овие пазари значително ќе го зголеми бројот на странски туристи.

Матиќ и Кумбаро Фурџи се согласија дека регионалната интеграција е клучна за постигнување успех, особено во туризмот и трговскиот сектор.

Министерката Комбаро Фурџи изјави дека најважен економски сектор за нејзината земја е туризмот.

-Туристичкиот пазар останува главната оска за овој сектор да успее и да ги надминеме тешките периоди, рече Комбаро Фурџи, оценувајќи дека 2019 била најдобрата туристичка година во која во Албанија дошле околу 6,4 милиони туристи, вклучително и оние од регионот.

Таа потсети дека во 2021 година во Албанија имало 5,6 милиони туристи, од кои значителен дел биле од Србија и дека од 2019 до 2021 година бројот на српски туристи во Албанија е зголемен за 110 отсто.

-Ова е резултат на подобра комуникација во рамките на Отворениот Балкан, што создава дух на комуникација што е неопходен, рече Фурџи.

Таа во текот на денот ќе учествува на конференцијата „Нови идеи за нови времиња“ која претставува чекор поблиску до целите на Меморандумот за разбирање за соработка во туризмот на Западен Балкан, кој беше потпишан на Самитот Отворен Балкан во Охрид.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e