Сите донесени одлуки од денешната 63 седница на Влада

Владата на Република Македонија на денешната редовна 63 седница ја разгледа и усвои Информацијата во врска со потпишувањето на Меморандумот за разбирање меѓу Министерството за економија на Република Македонија и Министерството за енергетика на Република Бугарија во областа на енергетиката, за спојување на ден-однапред пазарите на електрична енергија, и го прифати усогласениот текст на овој меморандум.

Една од целите на оваа иницијатива е нашата земја да се приклучи на внатрешниот пазар на електрична енергија во југоисточна Европа, со цел на учесниците на пазарот да им се понудат нови деловни можности и прекугранична трговија за постигнување на ефикасност, конкурентни цени и повисоки стандарди за услуги.

На седницата е констатирано дека овој меморандум, кој овозможува поволни околности, е резултат на либерализацијата што се обезбедува со новите законски решенија за енергетика, како и на поволната клима на пријателство и меѓусебна поддршка која произлегува од Договорот за пријателство и добрососедство меѓу Република Македонија и Република Бугарија.

Владата на оваа седница го задолжи Министерството за економија да ја продолжи постапката со која од концесионерот „Еуромакс“, за експлоатација на минерални суровини бакар и злато на локалитетот Иловица, се бара комплетирање на документацијата. За оваа своја иницијатива владата се повикува на известувањето на Министерството за економија од 2016 година до „Еуромакс“ во кое се бара од концесионерот, до одреден период, да ја комплетира документацијата како обврска од договорот за концесија, и го информира дека, меѓу другото, не се доставени доказ за решени имотно правни односи во делот на земјиштето на кое ќе се врши експлоатацијата, како и решението за одобрување на студијата за оцена на влијанието на животната средина, а направени се и други повреди на договорот.

Согласно договорот за концесија, неподнесувањето на само овие два документа се доволни за да отпочне постапката за преиспитување на почитувањето на договорот, и затоа Владата на РМ на денешната седница го задолжи Министерството за економија во рок од 7 дена да достави информација дали во меѓувреме е комплетирана документацијата, по што ќе биде донесен соодветен заклучок.

На денешната седница е разгледана и усвоена информацијата во врска со потребата од обезбедување на дополнителни 100 милиони евра средства за нова, петта кредитна линија од Европската инвестициска банка за финансирање на мали и средни претпријатија, со укажување на Македонската банка за поддршка на развојот во преговорите со комерцијалните банки да се заложи цената на каматата да не надмине 3,2% за крајните корисници.

На оваа своја 63 седница, владата го разгледа Извештајот за извршената конечна финансиска ревизија на Универзитетската клиника за неврологија за 2016 година, а Министерството за здравство информираше дека истиот е препратен и до Финансиската полиција со цел да се утврди дали е потребна постапка по основ на одредени наоди од Извештајот.

Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за имплементација на Националната платформа за намалување на ризици од несреќи и катастрофи, и го задолжи
Министерството за внатрешни работи да формира работна група која ќе ја раководи претставникот од Министерството за внатрешни работи и во која ќе бидат вклучени и по еден претставник од Националниот координатор за имплементација на Националната платформа за намалување на ризици од несреќи и катастрофи на Република Македонија, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, Министерството за одбрана, Министерството за правда, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и ЗЕЛС.

Работната група е задолжена во рок од 60 дена да подготви и до Владата на Република Македонија да достави анализа за поставеноста и дејстувањето на целокупниот систем за кризи, имплементацијата на Националната платформа за намалување на ризици од несреќи и катастрофи и да предложи насоки за реформирање на овој систем користејќи и компаративни искуства.

На денешната седница, владата го прифати усогласениот текст на Меморандумот за разбирање помеѓу Стејт Департментот на Соединетите Американски Држави и Министерството за образование и наука на Република Македонија за Фулбрајт програмата за академска размена.

Целта на овој Меморандум за разбирање е да се зајакнат и развијат врските меѓу учесниците во процесот на спроведување на програмата Фулбрајт за академска разменаво областа на образованието, науката и истражувањето врз основа на околности што носат бенефиции за двете страни.

Владата на оваа своја седница ја разгледа информацијата за Повикот за свикување на Собрание на Македонски Телеком АД – Скопје, закажано на 16.04.2018, и донесе заклучоци за точките од дневниот ред на седницата на Собранието на акционерското друштво Македонски Телеком.

На предлог на Министерството за здравство, владата го утврди текстот на предлог-одлуките за започнување на постапка за доделување на лиценци за вршење здравствена дејност земање и пресадување на клетки од човечкото тело заради лекување-хематопоетски матични клетки, за лекување срце, за лекување панкреас, заради лекување очни ткива, за лекување црн дроб, бубрези и бели дробови.

Со оваа иницијатива ќе се остварат повеќе цели на Министерство за здравство како што е обезбедување на соодветен вид и обем на здравствени услуги во зависност од потребите на населението, намалување на трошоците за користење на здравствените услуги на осигурените лица во странство од областа на трансплантацијата за лекување во странство, обезбедување на географска достапност на здравствените услуги, обезбедување на подобри здравствени капацитети за вршење на здравствени услуги и обезбедување на континуирана и квалитетна здравствена заштита.

На денешната 63-та седница Владата ја отпочна постапката за формирање работна група за утврдување на програма за одбележување јубилеј 1000 години од формирање на Охридска Архиепископија, на предлог на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи.

Владата денеска разгледа и донесе повеќе одлуки за испраќање на припадници на Армијата на Република Македонија за учество во вежбовни активности како што се „COMBINED RESOLVE-X“, во Сојузна Република Германија, „BGR-MKD SOF JCET 18“, во Република Бугарија, „BGR-MKD SOF JCET 18“, во Република Бугарија, „EAGLE-VI, во Република Косово, и на вежбовната активност „ADRIATIC STRIKE 2018“, во Република Словенија.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e