Северна Македонија има најмали даноци во Западен Балкан

Државата мора да ги контролира фирмите феномени на екстра профити. Јас таквите компании ги нарекувам „супер профит мејкери“. Сериозни држави не толерираат компании кои остваруваат екстра профити надвор од сите логични економски стандарди, некои држави знаат таквите компании и да ги конфискуваат, вели академик Абдулменаф Беџети за ЦИВИЛ медиа.

-Нашата држава, вели академикот, се плаши. Ако ништо друго таквите компании барем треба екстремно да ги оданочува. Да ги оданочува профитите остварени во вонредни околности. Но нашите влади тоа не го прават. А зошто нашата влада тоа не го прави? Па не го прави затоа што се плаши, затоа што нема смелост. А нема смелост затоа што мисли дека наводно бизнисот има огромно влијание во политиката што сметам дека и е погрешно. На пример, на што личи за даночни реформи да одите да го прашате големиот бизнис. Што очекувате дека оттаму можат да ви кажат, истакнува тој.

Беџети и претходно во изјава за Слободна ТВ го сподели овој став и рече дека смета дека во развојот на државата грешиме принципиелно. Спореднего е особено потребно единство во клучните државни проекти.

По најавите на Владата и министерството за финансии дека ќе има промени во даноците, односно дека ќе се спроведува даночна реформа започнувајќи од први јануари 2023 година, први реагираа претставниците од бизнис фелата кои сметаат дека сега не е вистинско време за промени. Според Владата, министерството за финансии и УЈП, пак не станува збор за воведување нови даноци туку за проширување на даночната основа и ревидирање на даночните ослободувања. Деновиве се очекуваат нови информации од Министерството за финансии каде се одвиваат завршни консултации за предлог-решенијата.

Потребен е современ даночен систем

-Даночната реформа што ја започнавме, а која се темели на донесената Стратегија и претставува само една фаза од неа, е во насока да обезбеди праведен, ефикасен, транспарентен и современ даночен систем, кој, пак, ќе се темели на современи дигитални технологии и иновации во оданочувањето, во функција на постигнување забрзан, инклузивен и одржлив економски раст, рече министерот Фатмир Бесими во интервју за Дојче Веле.

Според него концептот предвидува етапно спроведување на предвидените предлог-решенија, така, во 2023 година, во проекцијата на вкупните даночни приходи, кои се на ниво од 162,6 милијарди денари, се вклучени и очекуваните фискални ефекти од имплементацијата на даночните реформи кај ДДВ, данокот на добивка и данокот на личен доход.

Стеснување на листите на добра и услуги со повластени даночни стапки

Даночната реформа е во фаза на подготовка и ќе донесе промени кај ваучер системот, како и стеснување на листите на добра и услуги со повластени даночни стапки, вели директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска.

-Ќе има промени во делот на ваучер системот. Тоа се работи интензивно во дел на една работна група, односно да го закајнеме контролниот механизам. Меѓутоа, сепак и тоа ќе биде дел од даночната реформа, ќе има ревидирирање на онаа листа што значи добра и услуги со пет проценти повластена стапка, и она што значи добра и услуги со 18 проценти повластена стапка. Исто така, ќе има ревидирање на одредени даночни ослободувања и олеснувања за посебни целни групи за да видиме дали истите тие целни групи го даваат соодветниот ефект во полнењето на буџетот, изјави Лукаревска.

Лукаревска потврди дека ќе се стеснува групата на производи со повластени даночни стапки бидејќи вели, сме една од ретките земји и во регионот и во Европа кои што имаат многу голем број и на услуги и на производи кои се одданочени со повластена даночна стапка од пет отсто.

Посочи дека од системски аспект УЈП ќе се обидат да ги запазат сите рокови со цел брза имплементација на промените во даночниот систем кој би требало да почне да се спроведува од 1 јануари, следната година, потенцирајќи дека ќе инсистираат навреме да бидат информирани за сите детали како институција која е главна спрега меѓу Министерството за финансии, компаниите и физичките лица.

Лукаревска се осврна и на евентуалните избегнувања на наплата на ДДВ од страна на фирми кои од отворен се префлија на регулиран пазар на електрична енергија.

– Ние го добивме список пред можеби една недела, претходно список на такви фирми немаме добиено, како што беше испрезентирано во јавноста. Направивме координиран состанок со Финансовата полиција и со претставници од Регулаторната комисија за енергетика. Во делот на постапувањето Финансовата полиција со свои екипи е излезена на терен и направена е контрола на дел од тие компании. По нивните утрврдени наоди, тогаш ние ќе имаме можност да постапуваме. Во моментот Законот за енергетика е оној по кој што треба да се постапува и од Министерство за економија и од страна на РКЕ, рече Лукаревска.

 

Во однос на капацитетите на инспекторатите, Лукаревска вели дека сите инспекторати имаат проблем со намален број инспектори, и најави дека тоа ќе се решава со огласи за нови вработувања, но и со трансфери на вработени од други институции кои ќе треба да поминат низ соодветна обука.

Што носи даночната реформа

Според она што беше презентирано на јавните дебати се е планира да е повисок ДДВ за некои производи за кои до сега се плаќаше помалку од 18 проценти ДДВ. Најавено беше и оданочувањетто на каматите на штедните влогови, на реинвестираната добивка и капиталните добивки, а се најавуваше и плаќање на придонеси за хонорарците.

Како што претходно најави Бесими утврдено е дека од 1 јануари 2023 година започнува примена на две законски решенија, а тоа е прогресивниот данок каде што над милион денари годишно се одданочуваат со 18 проценти и 15 проценти е ставка на сите други доходи врз основа на данокот на личен доход – дали од капитал или од добивка или други основи. Тоа е законското решение.

-И да не отвориме дебата, тоа стапува на сила. И кога зборуваме за данокот на камати на депозити, сакам да кажам дека и да немавме дебата и ако ништо не правевме како Министерство, од 1 јануари 2023 година тоа стапува на сила. Имаме законско решение кое уште во 1996 година е донесено во нашето законодавство за да се оданочуваат каматите на депозитите. Тоа неколку пати е прологирано и сегашното решение од јануари 2023 година стапува на сила. Но, ние сакаме да се дискутира за тоа и затоа го ставаме на маса, рече тој.

За предлогот кој се однесува на оданочувањето на каматите на депозитите, тој вели дека предлогот е да се оданочуваат само орочените депозити на 12 месеци, бидејќи станува збор за мала сума на пари. Со ваквиот предлог, тој вели дека не очекува да дојде до одлевање на депозитите од банките.

-Предлог решението за каматите за депозитите се однесува само на орочените депозити на 12 месеци. И во другите земји во Европа и регионот тоа се оданочува. На пример, во Хрватска со 10 проценти, во Словенија со 27 проценти, во Унгарија и во Словачка со 18 и со 20 проценти. Се работи за мал износ на средства. Така, ако некој има депозит од 100 илјади денари орочен на 12 месеци, тогаш на каматата од 1000 денари, данокот би бил 100 денари. Значи, на 100 илјади депозит годишно, оданочувањето би било 100 денари”, вели Бесими.

Најмало остварување на даночни приходи во споредба со ЕУ и Западен Балкан

Во изминатите петнаесетина години Северна Македонија постојано беше на пониско ниво во однос на прибраните давачки како удел во БДП, и во однос на ЕУ и во однос на регионот.

Во периодот од 2008 до 2020 година присутен е значителен јаз помеѓу учеството на приходите од даноци и придонеси во БДП во ЕУ-27 и во Северна Македонија. Во 2008 година, вкупните даночни приходи и социјални придонеси учествуваат со 38,4% во БДП на ЕУ-27, што е за 10,7 процентни поени над оствареното во Северна Македонија (27,7%).

Дополнително, овој јаз со текот на годините се продлабочуваше, со што во 2020 година изнесуваше 13,8 процентни поени. Исто така, во однос на земјите од Западен Балкан, убедливо имаме најмало остварување. Учеството само на даночните приходи во БДП кај нас е уште помало, во 2020 година изнесуваше 16,1%.

Според експертите на Светската банка, уделот на даночните приходи во БДП е важен за економскиот раст и за намалување на сиромаштијата, бидејќи осигурува дека државите располагаат со потребните средства за да инвестираат во иднината и за да постигнат одржлив економски раст. Развиените земји, вообичаено, имаат повисок удел. Просекот кај земјите од Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) беше 33,8% во 2019 година, или двојно во однос на нашиот резултат.

Концептот е изработен во февруари 2022 година со вклученост на претставници од бизнис и академската заедница во работните групи, при што се направени сеопфатни и длабински анализи на постојниот даночен систем и најдобрите европски практики. Исто така, при конципирањето на предложените решенија земени се предвид и препораките од меѓународните организации како ММФ, Светска банка, ОЕЦД и ЕУ.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e