Историски успех: Кошаркарките на Крива Паланка ја освоија првата шампионска титула

Во четвртиот меч о „Шпаркасе Лајф“ Првата лига во плејофот, кошаркарките за нијанса беа подобри од Бадел 1862, победија со 75:73 за конечни 3:1 во победи во финалната серија, и нови шампионки на Македонија во женска сениорска конкуренција.

По одличното отворање на гостинската екипа во овој натпревар во кое во првите десет минути се стекнаа со високо водство (30:16), многумина беа оние кои веруваа дека фаворитот ја завршил работата. И не беа во право, затоа што домашните кошаркарки, исто како на претходниот меч кој го реализираа во своја корист, не се предадоа.

Напротив, заиграа со уште поголем ангажман. До полувремето анулираа дел од негативата, намалија на „-10“, (32:42), а комплетно се вратија во натпреварот во текот на третиот период од финалето број 4. По тие 10 минути двете екипи ја дочекаа последната четвртина со егал резултат, на семафорот во полната сала „Независна Македонија“ стоеја четири „петки“ (55:55).

Во последната делница, Крива Паланка уште еднаш „побегна“ на солидна позитива (71:62), кога останаа неполни три минути за доигрување. Период во кој „баделки“ внесоа нова драматика во финалната серија. Со серија од (11:3), по тројката на Чолакоска стигнаа на минус од еден поен (73:74). Но време за пресврт немаше, остана само 1,7 секунда на семафорот, доволно да почне големото славење.

Во победничките редови со по 22 поени најефикасни беа Робинсон и Ниехуес, а на спротивната страна Фреман постигна 28 поени (девет скокови).

Кошаркарката на Крива Паланка, Аби Ниехуес го доби најголемото индивидуално признане во оваа финална серија од плеј-офот која го даде новиот шампион. Во последниот, и решавачки натпревар американското крило имаше одлични бројки.

На теренот остана скоро 35 минути во кои дојде до ефект изразен со реализација на 22 поени (7/13 во обидите за два поени и 8/10 од линијата за слободни фрлања). Но имаше и дури 17 скокови (седум офанзивни), и три блокади пред да ја направи петтата лична грешка, И да дојде до индекс 32, најмногу од сите кошаркарки кои беа вечерва на теренот во финалниот меч од сезоната.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e