Соопштение за јавност на Левица:
Во град каде автобусот доаѓа како природна непогода – непредвидливо и ретко, сега граѓаните се казнувани и за дефектите на самиот систем на ЈСП!
До нас пристигнуваат информации дека граѓаните уредно плаќаат билет преку телефон, а пораката за успешно плаќање стигнува по 20-30 минути. Во меѓувреме, контролорите настапуваат како улични извршители – дрско, агресивно и без никакво разбирање за очигледниот дефект на системот пишуваат казни. Наместо да се насочат кон проблемот, тие се истураат врз граѓаните кои и онака се лишени од нормален и достоинствен јавен превоз.
И додека скопјани секој ден се вртат по преполни автобуски станици „чекајќи го Годо”, ДПМНЕ и Орце Ѓорѓиевски продолжуваат да продаваат евтин ПИАР за подобрена состојба и скоро па решен проблем (којшто, впрочем, не смее да се заборави дека тие го создадоа поради каприц со екс-градоначалничката Данела).
Денес ЈСП не може навреме да испрати ниту обична порака за платен билет, но затоа експресно испраќа контролори да се закануваат и изживуваат врз патниците. Во системот на ДПМНЕ, секогаш најлесно е вината да му се префрли на граѓанинот, но никогаш на неспособното раководење.
Орце Ѓорѓиевски пред избори ветуваше дека хаосот во јавниот превоз ќе биде решен веднаш. Денес, единствено што е „веднаш” е казната за граѓаните, додека дефектите, доцнењата и распадот на ЈСП со месеци никој не ги решава.
Апелираме до Ѓорѓиевски и директорот на ЈСП да им укажат на контролорите дека не треба граѓаните да ги третираат како измамници, туку оние коишто се расфрлале со ветувања за брзо решавање на проблемите.
