Пописот ќе биде следен од Евростат, а месецов пробен попис во 13 општини

Согласно Законот за државната статистика и Петгодишната програма за статистички истражувања 2018 – 2022, Државниот завод за статистика во април 2020 година треба да го спроведе деветтиот Попис на населението, становите и домаќинствата на територијата на Република Северна Македонија.

Според Предлог-законот, Пописот ќе предизвика финансиски импликации врз државниот Буџет и тоа: оваа година, наредната (кога ќе се спроведува попишувањето), како и во 2021-ва (за прибирање, обработка и печатење на податоците од Пописот и нивно дисеминирање). Поради тоа, треба да се обезбедат вкупно 522.751.000 денари од кои 221,315,000 за 2019 година и 301,436,000 за 2020-та.

„Цели 11 години на власт ВМРО ДПМНЕ не успеаја да организира попис. Дури и оној што го започна, поради политички игри го прекина а потроши над 3 милиони евра народни пари. Сега целокупната подготовка за организирање на пописот е професионална и транспарента, по сите меѓународни стандарди и во неа цело време е вклучен Евростат.“ – велат од владејачката СДСМ.

За надминување на било какви препреки и негово успешно реализирање до крајот на месецов ќе биде спроведен и пробен попис во 13 општини. – информираат од СДСМ.

Вообичаено е пописите да се спроведуваат на секои 10 години, и тоа во годините кои завршуваат на нула или еден. Последниот Попис на населението, домаќинствата и становите во земјава беше спроведен во 2002 година. Во 2011 година почнатиот попис беше прекинат со одлука на Владата, наведува законското решение.

Во изминатиот период државава има спроведено осум пописи на населението: во 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и 2002 година.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e