Ова се кандидатите за заменици-министри кои ги предложи Заев!

Премиерот Зоран Заев во Собранието на Република Северна Македонија, на седницата на која се гласа за заменици-министри ги предложи следните кандидати:

– Башким Хасани, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за одбрана,

Назим Буши, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за внатрешни работи,

Димитар Ковачевски, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за финансии,

Агим Нухиу, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за правда,

Илхан Рахман, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците,

Фатмире Исаки, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за надворешни работи,

Зоран Маневски, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за економија,

Трајан Димковски, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство,

Илир Хасани, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за здравство,

Арафат Шабани, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за образование и наука,

– Енвер Хусејин, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за труд и социјална политика,

Зоран Димитровски, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за локална самоуправа,

Седат Сулејмани, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за култура,

Александар Бајдевски, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за информатичко општество и администрација,

Беким Реџепи, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за транспорт и врски и

Христина Оџаклиеска, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за животна средина и просторно планирање.

Заев на говорницата, им се обрати на пратениците истакнувајќи увереност дека предложените кандидати, совесно и со најголема посветеност и одговорност, ќе ги извршуваат своите работни обврски согласно законот и определбите на Владата на Република Северна Македонија за остварување на нејзината Програма и за остварување на стратешките интереси на Република Северна Македонија од интерес на граѓаните.

Тој додаде дека со предлогот за избор на заменици-министри доставен до Собранието на Република Северна Македонија се доставени и биографиите на предложените кандидати.

„Со именувањето на замениците-министри во Владата, го комплетираме системот на ефикасни и силни институции со полн капацитет и легитимитет, кои ефикасно ќе работат во справувањето и надминување на последиците од пандемијата со КОВИД-19, како еден од првите наши приоритети. Убеден сум дека со еднакво силен ангажман замениците-министри ќе се посветат и на остварувањето на останатите приоритети како што се создавањето услови за нов циклус на динамичен економски раст, одржлив развој, ефикасна правна држава и силни институции.  Секако, максималнa посветеност очекуваме и во модерно образование, стабилно општество, внатрешна кохезија и сите други сегменти на општественото живеење“, рече премиерот Заев.

Во своето обраќање, премиерот Заев се осврна на стратешките цели на нашата земја, зголемувањето на активностите како членка на НАТО и максимално вклучување во процесите за успешен почеток и завршница на преговорите по поглавја за членство во Европската унија, како и во политиките за добри меѓуетнички и меѓусоседски односи.

Изложувајќи ги резултатите од претходните три години кога Владата покажа дека е можно да се обезбеди повисок економски раст и да се создаваат нови работни места, паралелно со континуиран раст на платите, премиерот Заев  повтори дека и покрај здравствено-економската криза, која ја засегна нашата држава, како и останатите државите во светот, Владата ќе продолжи во остварување на заложбите за раст на минималната плата, на 20.000 денари и 34.000 денари, просечна плата до крајот на четиригодишниот мандат. Премиерот Заев исто така најави дека наскоро ќе завршат консултациите и ќе биде објавен четвртиот пакет мерки за помош на македонската економија.

„Најавивме и ќе испорачаме мандат на ред, правда и ефикасност. Мандат на прочистување на правосудството и неселективно владеење на правото. Силен ефикасен правен систем и силната посветеност во борбата против корупцијата и криминалот се исклучително важни државата, за нејзините граѓани“, рече премиерот Заев, истакнувајќи ги приоритетите во насока на остварување на нашиот процес за интеграција во Европската Унија и отпочнување на преговорите и отворање на првите поглавја кои најчесто се однесуваат токму на владеење на правото.

Обраќајќи им се на пратениците при образложувањето на предлог-листата за заменици-министри во Владата, премиерот Заев, подвлече дека Владата и во новиот мандат продолжува со почитување и воведување на целосно нови стандарди во водењето на институциите, покажувајќи дека може да се работи и чесно и одговорно и професионално во име на интересите на државата и заврши:

„Сега е време да доработиме и да сработиме. Да ја исполниме нашата обврска да го испорачаме ветеното. Заедно со вас пратениците, со граѓаните, да продолжиме да пишуваме страници за иднината, на нашата демократија и заедно да го чекориме патот до подобра иднина за сите“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e