Отворен повикот за учество на Skopje Design Week

Мултидисциплинарната платформа Skopje Design Week есенва ќе го претстави своето деветто издание преку најновите достигнувања на производните компании, дизајнерите и дизајн студијата од Балканските земји. По тој повод, Skopje Design Week почнувајќи од денес па до 15 октомври отвора повик до сите производни или увозно ориентирани компании, дизајнери, дизајн студија и неформални групи кои сакаат да ги претстават своите нови производи и услуги пред пошироката македонска и регионална сцена.

На Skopje Design Week годинава ќе може да се изложува мебел, осветлување, елементи за ентериер, секојдневни предмети, аксесоари за домот, производи и инсталации од рециклирани материјали, модна и спортска облека, алати, уреди и опрема, амбалажи, а приоритет ќе се даде на производите и прототипите кои го подобруваат начинот на живот и работа, оние кои користат локално достапни материјали и технологии, имаат избалансирани трошоци за производство, оние кои ги следат критериумите за еколошки производни процеси, односно самите производи и нивините амбалажи да бидат економични и еколошки од секој аспект.

На деветтото издание учество веќе имаат потврдено најуспешните производители од регионот кои успеаа во изминатата декада да се искачат до самиот врв во однос на промоција на нивниот бренд и продажба на производите. Со своите последни колекции и наградени прототипи на мебел и предмети за домаќинство ќе ги видиме во живо, Prostoria, Artisan, Gazzda, Zanat, GIR, Grupa, Feydom, Zavar Design и други.

Програмата и оваа година е стратешки поставена со цел да се доживее дизајнот со висока естетика и функционалност во полето на продукт дизајн, мода, дизајн на накит, музика, гастрономија и бизнисите воопшто.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ