Земјотрес со локална магнитуда од околу 4 степени утрово ја потресе територијата на Албанија, а тресењето на тлото било почувствувано и во Струга.
Според Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (ЕМСЦ), земјотресот се случил во 7:52 часот, со епицентар на околу 45 километри од Тирана и на длабочина од приближно 10 километри.
Граѓани од повеќе места во Албанија го опишаа потресот како краток, но доволно силен. Од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје информираа дека епицентарот бил на околу 144 километри југозападно од Скопје.
Засега нема информации за повредени лица или за причинета материјална штета.
