Капитални инвестиции со ребалансот од 32,2 милијарди денари

Со ребалансот на Буџетот капиталните расходи се планирани на ниво од 32,2 милијарди денари, за околу 6 милијарди денари помалку во однос на планот за 2022 година.

Министерот за финансии Фатмир Бесими, денеска образложувајќи го ребалансот нагласи дека капиталните инвестиции за оваа година остануваат на рекордно ниво и со оваа сума, односно тaа е за 8,8 милијарди денари или 37,8 проценти повисоко во однос на минатата година и за 16,1 милијарди денари, односно два пати повисоко во однос на 2020 година. Механизмот КАПЕФ, како што рече, функционира, се следи будно реализацијата и онаму каде има послаба динамика на реализација се одземаат средствата.

-Значајни инвестициони вложувања со буџетски средства се планирани во областа на патната инфраструктура, на Коридорот 8: проширување на автопат Тетово-Гостивар, изградба на нов автопат Требеништа – Струга – Ќафасан, изградба на делница Гостивар-Букојчани, делницата Ранковце-Крива Паланка и Крива Паланка до границата со Бугарија, како и западниот дел од патниот Коридор 8 преку изградба на автопатска делница Кичево-Букојчани и делницата Кичево-Охрид, информира министерот.

На Коридорот 10 е планирана делницата Прилеп – Битола. Дополнително, JПДП ќе изготви физибилити студија за изградба на патот Тетово-Призрен. Исто така, со кредитни средства предвидена е изградбата на автопатската делница Скопје-Блаце (граница со Косово), подобрувањето на патната инфраструктура на општините во Република Северна Македонија преку Проектот за поврзување на локални патишта.

-Во делот на железничката инфраструктура, планирано е финансирањето на трите фази од изградба и рехабилитација на источниот дел од железничката пруга – Коридор 8, како и Проектот изградба на железничка пруга Кичево – граница со Албанија. Воедно, планирана е изградбата на железнички граничен премин со придружни содржини „Табановце“ помеѓу Република Северна Македонија и Република Србија која ќе се финансира со заем и грант средства од WBIF (Инвестициска рамка за Западен Балкан), рече Бесими.

Во областа на гасификацијата, предвидена е изградба на магистралните гасоводи делница Скопје-Тетово, Гостивар – Кичево и делница Свети Николе – Велес, како и на интерконективните гасоводи со Косово, со Србија и со Грција.

Предвидена е изградба и реконструкција на основни и средни училишта, изградба на фискултурни сали во средните училишта, реконструкција на студентски домови, додека во делот на општинската инфраструктура се финансираат два големи капитални проекти: Проектот за подобрување на општинските услуги и Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор. Планирани се и повеќе капитални проекти од комуналната инфраструктура.

Капитален проект вп животната средина е изградбата на Пречистителна станица за отпадни води Скопје, како и станиците за цврст отпад во Полошкиот, Југозападниот, Вардарскиот, Пелагонискиот регион, Југоисточен регион и Скопскиот регион.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e