(ИНТЕРВЈУ) Стефоска: Отворени сме за унапредување на културната соработка со сите соседи, заштита на културно наследство и евроинтеграциите се врвен приоритет

Oтворени сме за дијалог и унапредување на културната соработка со сите соседи. Еден од приоритетите во мојата работа е да ја продлабочам таа соработката. Дотолку повеќе што сите ние на Балканот, како наследници на големите империи, споделуваме заедничко културно наследство што е добра основа за меѓусебен дијалог и взаемно почитување. Ова во интервју за МИА го изјави министерката за култура Ирена Стефоска осврнувајќи се на добрососедството и колку тоа влијае на културното наследство.

Министерката посочи дека во иднина ќе иницира чести средби на министерско ниво со сите земји-соседи во насока на градење на заеднички културни политики како влог за иднината.

Со оглед на тоа што прпват доаѓа на оваа функција, Стефоска посочи дека врвен приоритет ќе и биде заштита на културното наследство, евроинтеграциите во културата, а посебен фокус ќе посвети и на младите.

-Чувствувам одговорност како министерка за култура да направам сѐ што е во доменот на моите овластувања за поддршка на идеите и креативноста кај младите. Воведуваме поголем број стимулативни мерки. Согласно Програмата на Владата се планира зголемување на бројот на креативни центри и инкубатори за здруженија на граѓани и самостојни уметници, рече министерката.

Според Стефоска, Министерството за култура се соочува со структурни проблеми, кои се пречка за тоа да биде професионален сервис на културните работници и на граѓаните.

-За мене како министерка, и за мојот тим најважни се професионалноста, одговорноста и ефикасноста. За таа цел деновиве одржуваме интензивни средби со вработените во секторите на Министерството за култура, како и со директорите на националните установи за да ја констатираме фактичката состојба, појасни таа.

Во врска со споменикот Мајка Тереза, како еден од спомениците од проектот „Скопје 2014“, Стефоска посочи дека експертите увиделе низа неправилности, но како што рече, сите овие години Министерството соработува со Општина Центар и со изведувачот на споменикот, а во соработка и со Асоцијацијата на архитекти одново ќе се преиспитаат сите законски можности и предлози за да се изнајде решение со кое скопјани ќе се гордеат.

Стефоска очекува новиот Закон за јавен интерес во културата веднаш да влезе во собраниска процедура, а потенцира и дека се работи на подобрување на критериумите на Годишните конкурси. Во продолжение следува целото интервју со министерката за култура Ирена Стефоска.

Госпоѓо Стефоска, првпат доаѓате на позицијата министерка за култура, откако неколку години наназад сте ја извршувале пратеничка функција во Собранието и културата ја следевте од друг агол. Која ќе биде вашата основната задача и на што најмногу ќе се фокусирате како министерка за култура за време на овој мандат?

Ви благодарам на интересот. Да, функцијата министер ја гледам како продолжение на работата во Собранието на Република Северна Македонија, особено во Комисијата за култура од каде што носам драгоцени искуства.

Културата е блиска и до мојата природа и образование, па затоа оваа позиција ја гледам како голем предизвик и одговорност, зашто културата е единственото нешто со што располагаме и со што можеме да бидеме препознаени и прифатени во светски контекст.

Она што е прв приоритет на мојот министерски кабинет е заштитата на културното наследство, каде се соочуваме со голем број предизвици.

Заштитата на културното наследство е приоритет на секоја одговорна Влада, но и еден од приоритетите на Европската унија. Европската комисија е наш искрен пријател и поддржувач на реформи во сферата на заштитата на културното наследство.

Втора тема која е столб на мојата посветеност, се евроитеграциите во културата. Овој приоритет, кој е во основата и на програмата на Владата, за нас е од големо значење зашто како ресор пред нас се отворени безброј можности кои досега не биле доволно искористени.

Младите со својата енергија и знаење се третиот приоритет на кој посветено работиме. Неопходно е вклучување на сите талентирани и прогресивни сили во градењето на демократско општество со европски вредности. Развиваме нови модели за стимулирање и финансиска поддршка на младите од сите етнички заедници за ефикасно да ги реализираат своите уметнички и креативни потреби.

Покрај овие основни приоритети очекуваме новиот Закон за јавен интерес во културата веднаш да влезе во собраниска процедура, а работиме и на подобрување на критериумите на Годишните конкурси.

Што е она што прво ќе го смените во функционирањето на Министерството за култура?

Министерството за култура се соочува со структурни проблеми, кои се пречка за тоа да биде професионален сервис на културните работници и на граѓаните.

За мене како министерка, и за мојот тим најважни се професионалноста, одговорноста и ефикасноста. За таа цел деновиве одржуваме интензивни средби со вработените во секторите на Министерството за култура, како и со директорите на националните установи за да ја констатираме фактичката состојба и потоа да пристапиме кон постепена реорганизазација која што очекуваме да ја поттикне мотивираноста на вработените и ефикасноста во извршување на обврските.

Во програмата ветувате ревизија и бришење од регистарот на сите незаконски запишани споменици и објекти од, како што се наведува т.н. проект „Скопје 2014, кои по својата природа не можат да претставуваат културно наследство“. За кои споменици станува збор и како планирате да го реализирате ова, со оглед на тоа што владата во претходниот мандат имаше најави дека ќе го реши овој контроверзен проект?

Точно е, во програмата на Владата се најавува ревизија на „Скопје 2014“. Тоа е сложена постапка за која досега се изработени елаборати за секој од спомениците и градбите во овој проект. Со оглед на комплексноста на темата во програмата на Владата е најавен и меѓународен конкурс за ревитализација на централното градско подрачје.

Каков е вашиот став во врска со споменикот Мајка Тереза, дали ќе излезете на барањата на Асоцијацијата на архитекти кои бараат да се отстрани споменикот, со тврдење дека прекршува низа закони?

Скулптуралната композиција Мајка Тереза е еден од спомениците во проектот на „Скопје 2014“ кој беше подложен на ревизија од експертската група формирана при Министерството за култура. Експертите увидоа низа неправилности и понудија мерки за натамошно постапување. Изградбата на скулптуралната композиција е во мирување од 2017 година, а минатата година Владата го задолжи Министерството за култура да објави јавен повик за пренамена на објектот. И овој предлог, со право, наиде на негодување во јавноста. Сите овие години Министерството соработува со Општина Центар како и со изведувачот на споменикот, а во соработка и со Асоцијацијата на архитекти одново ќе ги преиспитаме сите законски можности и предлози за да изнајдеме решение со кое скопјани ќе се гордеат.

Во време на пандемијата речиси 70 отсто од библиотеките, театри, Филахармонија се целосно блокирани во својата работа и творештво и едвај функционираат…бараат поддршка од Владата. Имате ли некоја програма или план за решавање на овој проблем, ќе им понудите ли решение на овие институции?

По долги и темелни разговори, Комисијата за заразни болести во четвртокот усвои протокол за отворање на институциите од областа на културата, за одржување настани во затворен простор. Сведоци бевме на успешна летна сезона, која голем број манифестации и оператори ја искористија за одржување настани на отворено. По изготвувањето на посебни, интерни протоколи усогласени со општиот, институциите можат да ја започнат есенската сезона.

Посветено ја следиме ситуацијата и веруваме дека со посебните заштитни мерки, работата на установите но, и на независната сцена, ќе донесе и нов квалитет за сите.

Планирате ли нови инфраструктури проекти во културните институции во земјава за време на овој мандат?

Во период на светска пандемија нужно се наметнува потребата од штедење. Во оваа смисла, приоритет е одржувањето и подобрувањето на инфраструктурата на установите од културата.

Министерството низ годините беше мета на обвинувања за местење на конкурси за културните проекти, делење пари на субјекти кои и не промовираат култура, како ќе ја смените оваа состојба?

Се наближува терминот за објавување на Годишните конкурси за проекти од национален интерес во културата. Интензивно работиме на уточнување на критериумите за конкурирање и за вреднување на проектите и програмите од јавен интерес. Новиот закон за јавен интерес во културата носи промена и во моделот за финансирање во културата.

СКРМ и СОНК обвинија за непочитување на Колективниот договор, за доцнење на исплата на платите на вработените, а подоцна Министерството информира дека е надминат проблемот. Каков е вашиот став во однос на колективниот договор за вработените во културата, ќе претрпи ли одредени промени?

По долги години, Колективниот договор во културата во соработка со двата синдикати, СКРМ и СОНК, конечно беше потпишан во декември 2019 година. Во процесот на неговата примена се појавија проблеми кои уште веднаш почнавме да ги решаваме, па така платите за месец јули се целосно исплатени, а речиси сите национални установи ја добија и августовската плата. Дополнително, формирав работна група од врвни специјалисти, претставници на синдикатите и на Министерството со цел да ги исправиме сите евентуални правни недоследности. Колективниот договор, како што реков и на прес- конференијата, секако има простор уште да се усовршува, а со тоа и работничките права во културата, за што секогаш ќе се залагам.

Колку фокусот во новата програма ќе биде ставен на младите, планирате ли одредени стимулативни мерки за да го зајакнете нивното влијание во културата?

Чувствувам одговорност како министерка за култура да направам сѐ што е во доменот на моите овластувања за поддршка на идеите и креативноста кај младите. Воведуваме поголем број стимулативни мерки. Согласно Програмата на Владата се планира зголемување на бројот на креативни центри и инкубатори за здруженија на граѓани и самостојни уметници.

Како земја кандидат за ЕУ, на располагање ни стојат фондовите на Европската унија, кои не се доволно искористени, и со кои младите не се добро запознаени.

Наша обврска како Министерство за култура, во соработка со СЕП, е да ги посочиме овие можности и да ги обучиме младите како да ги користат овие фондови.

Сакам да истакнам дека и програмите на УНЕСКО за поддршка во сферата на образованието, науката, комуникациите и современите уметности исто така, не се доволно искористени.

За крај добрососедството, актуелна тема секогаш, а особено деновиве, добрососедството во пакет со културното наследство, ваша проценка како ќе се движиме ќе се менуваме ли во таа насока?

Северна Македонија е отворена за дијалог и унапредување на културната соработка со сите соседи. Еден од приоритетите во мојата работа е да ја продлабочам таа соработката. Дотолку повеќе што сите ние на Балканот, како наследници на големите империи, споделуваме заедничко културно наследство што е добра основа за меѓусебен дијалог и взаемно почитување. Имам намера да иницирам чести средби на министерско ниво со сите земји-соседи во насока на градење на заеднички културни политики како влог за иднината.

Бисера Трајковска за МИА

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e