(ИНТЕРВЈУ) Маричиќ: Прочистувањето во судството мора да биде кредибилен процес, не реваншизам или политички прогон

Новиот министер за правда Бојан Маричиќ има една исклучително битна и тешка задача – спроведување на најкрупните општествени реформи преку трансформација на судството што важи за партизирано, корумпирано и непрофесионално во систем што на граѓаните ќе им гарантира доверба и неселективна правда.

Маричиќ во интервју за Капитал зборува за неговите лични и за владините планови за промени, но и за препреките во овој процес што се таложени насекаде, низ сите општествени слоеви и структурите на бизнис круговите, клопчињата на опозицијата, ама и оние на власта, што секогаш е најтешко да се одмотаат.

Реформата во правосудниот систем е комплексна. Проблемите на прв поглед се толку распространети низ сите гранки на системот. Вие навистина амбициозно ветувате промени, но се наметнува прашањето колку Министерството за правда како една институција, може од корен да ги помести нештата?

Доволно време сме заглавени со погледите кон проблемите – време е да се погрижиме да најдеме решение. Наша цел е системот предвиден на хартија во законите – да профункционира на дело.
Во овој процес, во текот на целиот пат ќе биде и Европската Унија која има вистинска трансформативна моќ. Мојата мандатна мисија носи голема тежина, а тоа е градење на непристрасно, слободно и транспарентно правосудство. Граѓаните очекуваат резултати, а освен коренити промени ништо друго и не се смета за добар резултат.
Инаку, точно е дека само едно министерство не може да ги направи реформите во целост, но Министерството за правда ќе биде клучниот иницијатор кој ќе ги поттикнува реформите.
Во таа насока, очекуваме партнерство и соработка со судската власт и вклучување на Судскиот совет, Советот на Јавните обвинители, претседателот на Врховниот суд, Државната комисија за спречување на корупција, како и граѓанското општество. Сметам дека наша, заедничка должност и одговорност е да ја вратиме довербата на јавноста во  правосудството.
Сакам да потенцирам дека реформата во правосудството е нужна. Со влезот во НАТО нашата држава стана безбедна, но потребно е да ја изградиме и правната сигурност, а таа е и предуслов како за нормалното функционирање на општеството, така и за развој на стопанството и привлекување на инвестиции.

Една од главните реформи треба да биде нов Закон за кривична постапка, чекор што и многу експерти велат дека е потребен. Но, тој се носи со двотретинско мнозинство. Ако се сетиме колку труд и директна странска интервенција требаше за да донесе новиот Закон за ЈО, што од Брисел директно беше посочен како услов на европскиот пат, од каде ја црпите идејата дека опозицијата овој пат ќе биде конструктивна?

Носењето на клучни, двотретински закони може да бидат камен на сопнување, но сметам дека е потребно да бидеме конструктивни поради јавниот интерес.
Немаме резервна држава или повеќе време за трошење.
Во процесот на евроинтеграции мораме со заеднички напори да ја градиме и да се бориме за иднината на граѓаните. Постои нешто што е над партискиот интерес и сметам дека опозицијата треба да биде свесна за тоа. Да се биде конструктивен во процесот на евроинтеграција значи да се работи за општиот, јавен интерес. Сепак, иако Владата е подготвена за соработка, колку ќе успееме да се сплотиме за јавниот интерес зависи од политичката волја на опозицијата.
Од нас секогаш ќе има подадена рака за исполнување на целите на нашите европски интеграции и за реформите кои ги очекуваат граѓаните. Евроинтеграциите, водењето на Поглавјето 23: Правосудство и фундаментални права бара политичка зрелост и има потреба од соработка помеѓу власта и опозицијата, а Собранието е добар форум за политички дијалог. Доколку опозицијата се уште робува на поразените, деструктивни политики, штетата ќе ја платат државата и граѓаните. Ги повикуваме да ги надминат партиските интереси и да се грижат за интересот на граѓаните.

Што е со политичката волја воопшто? Велите дека и крупните риби ќе мора да одговараат и тука практично го допирате главниот проблем, крупните риби и кога одговараат, одговараат поинаку. Како ќе реагирате? Подготвен ли сте и јавно да алармирате кога ќе се соочите со притисоци од центрите на моќ кои наивно е да мислите дека ќе ги нема?
Еднаквоста пред законот не треба и не смее да биде предмет на политичка волја или политички договори. Спроведувањето на законот не треба да биде предмет на влијанија од разни центри на моќ. Затоа и со сизифовски напори се менуваат нештата во правосудството, а отпорот кон промената е огромен. Јавноста е силен сојузник, но сепак, алармот за притисоците треба да се огласи во судството и обвинителство. Водилка во моето постапување секогаш ќе биде интересот на граѓаните. Затоа не се плашам од притисоци  и верувам дека тие може да се совладаат со соработка од институциите и со поддршка од граѓаните и медиумите. Секако, ја сметам и бизнис заедницата за сојузник во овој процес.

Целото интервју на Маричиќ за Капитал на следниов ЛИНК.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e