Џафери: Претходните две години, Собранието работеше во специфични услови

-Ако оди се како што е договорено и се одржат предвремени парламентарни избори на 12 април, Парламентот ќе се распушти на 12 февруари, а бидејќи се однапред ќе се знае и ќе биде договорено, како што вели Џафери, техничката Влада може да биде избрана истиот ден кога ќе биде констатирана и оставката на актуелниот премиер. Тоа, како што додава тој, би можело да биде и на 3 јануари 2020 година, а од 4 новата преодна влада да започне да функционира.

Во интервјуто за МИА, претседателот на Собранието зборува и за актуелните случувања во Парламентот со бројните закони и набиената агенда, блокадите на одредени законски решенија и политичките поени што на тој начин парламентарните групи се обидуваат да ги „соберат“ пред најавените избори, стабилноста на коалицијата меѓу ДУИ и СДСМ, очекувањата од претстојните предвремени парламентарни избори и за негов евентуален нов мандат…

До 31 декември Собранието го очекува набиена агенда имајќи ги предвид најавените активности, но и информациите за доставување нови закони, како оној за јавно обвинитество. Има и незавршени седници. Имате ли план како да се реализираат сите предвидени активности, имајќи предвид дека не секогаш може да постигне кворум за работа на Парламентот?

Секако крајот на годината е моментот кога се собираат повеќе работи кои што би требало да се довршат. Би рекол дека работата е редовна со редовна динамика. Главно, како што знаете и претходно, секој месец има своја динамика во однос на обврските и работите на Собранието. Крајот на годината резултира и со процедурата за носење на Буџетот за наредната година, што се носи во посебна процедура имајќи предвид дека претходно на комисиска расправа Буџетот се разгледува десетина дена, па, се враќа на Влада, па, дополнет – предлог на буџетот, кој што во принцип се гледа пет работни дена и во тоа време не може да се разгледа ништо друго од материјалите што се на седница. Отпочната е седница пред Буџетот со седумдесет и две/три точки на дневен ред од кои една третина веќе има поминато во расправата во Собранието. Прекинавме со таа седница поради Буџетот. Како што знаете ги носевме законите од финансии кои беа врзани со обврските со меѓународните финансиски инстанци и истата продолжува наредната недела. До крајот на неделата ќе заврши дебатата за Буџетот и ќе се донесе Буџетот. Наредната недела е нова седница на која според доставените материјали до сега има преку сто точки на дневен ред. Имајќи ги предвид процедурите и роковите од Деловникот јас како претседател сум обврзан да ги ставам во процедура соодветно материјалите кои се доспеани во рок од 20 дена од доставување до пратениците до почетокот на седница. Но Собранието е активно секојдневно. Се примаат нови матреријали како што доспеваат од овластените предлагачи и во соодветно време се планираат нови седници на кои ќе бидат ставени на дневен ред и тие материјали. Имајќи ги предвид огромниот број на материјали, на точки, идејата ми е наредната недела да се работи со две седници паралелно и тоа на почетокот од 11 часот до паузата да се работи по една седница, а после паузата од 15 до 18 часот да се работи по другата седница и да ги водам паралелно двете седници за да се стигне што повеќе точки да се поминат, да се донесат што повеќе закони. Но сето тоа зависи како ќе се одвива дебатата на самата седница за прашањата што се на дневен ред. Организациски е осмислено како да се одвива работата, со која динамика, а како ќе се одвива самата работа во текот на денот ќе зависи од дебатата како ќе се одвива на седницата.

Дополнително на ова се и блокадите на одредени законски решенија, како Изборниот законик за којшто се поднесени многу амандмани, Законот за одбрана, за следење на комуникациите… Колку оваа ситуација е резултат на прерано почната кампања на политичките партии за претстојните избори најавени за април и дали може да се излезе од овие ако може така да се изразам блокади за собирање политички поени?

Имајќи предвид дека веќе е договорено датум за избори 12 април, тоа само по себе создава атмосфера и клима во однесувањето меѓу самите пратеници. Прво внатре групите, веројатно секоја од нив си мисли каде и што со нив пред и по новите избори, секако дел од законите не се усогласени во ставовите, мнозинството и опозицијата и затоа стојат во место и имајќи предвид дека за дел од нив е потребно двотретинско мнозинство. Во тој контекст јас и не сум отворил расправа по тие закони, затоа што ако се отпочне расправа, а не се доврши ризикувам да ги блокирам и сите други точки. Затоа настојувам се она што не е спорно во односите меѓу власта и опозицијата да си поминат и во догледно време доколку се усогласат страните да се отвори дебата и по тие закони. Во секој случај, ако се обезбеди двотретинско мнозинство ќе отвориме расправа и по тие закони да се донесат. Особено законот за одбрана, законот за академија за судии и обвинители, законот за класифицирани информации… Изборниот законик, мојот став го знаете уште пред да се пушти во собраниска процедура, имајќи го предвид временскиот период и тајмингот кога се пушти во процедура несоодветно е на она што претходно беше најавено за денот на изборите. Очигледно нема усогласени ставови внатре во коалицијата, во мнозинството. ДУИ има поинаков став од СДСМ и предлагачите, од друга страна ВМРО-ДПМНЕ има поинаков став по однос на начинот на носење на законот и преговорите околу изнаоѓање можност. Значи согласност нема, така што тоа е изразено и преку бројот на амандмани коишто се доставени до Комисијата. И секако таков тип на закон уште претходно беше укажано од моја страна не би било соодветно да се пушти во постапка доколку нема согласност, затоа што тие што не се согласуваат ги користат сите можни процедури, легитимни, легални во однос на изразувањето на ставот кон предлог-законот и со тоа фактички Комисијата се уште не е отворена да работи. Се подготвуваат и амандманите, мислам дека е при крај и нивниот превод. Во секој случај, доколку се отвори дебата тоа ќе биде работа на самата Комисија, дали ќе успее да заврши или не тоа зависи од дебатата на Комисијата.

промената на изборниот модел без разлика на дебатата во изминатиот период ќе остане прашање што треба да го реши следен парламентарен состав?

Во секој случај, кажавме промена на изборен модел не може да оди на два –три месеци пред изборите. Дебатата и за аргументите и контра аргументите не е соодветно време во контекст на предизборниот процес да се одвива. Според мене, тоа бара помирна атмосфера за дебата за да може да се усогласат ставовите. Тоа би требало да биде почетокот на мандатот, да се аргументираат сите апсекти и сите гледишта за да имаат време сите да ги направат сите анализи за да можат на крај да се усогласат. Дали со тоа ќе се бави идниот состав или не тоа останува да се види по изборите. Во секој случај тоа е работа што треба да се доврши.

Во последните месеци во јавноста беа изнесени различни ставови помеѓу коалициските партнери СДСМ и ДУИ за одредени прашања. Каква е вашата оценка за стабилноста на коалицијата меѓу СДСМ и ДУИ?

Од моја перспектива тоа е нормално. Тоа се засебни два субјекта кои функционираат во коалицијата и нормално е да се очекува и да се има и работи за кои не до крај се согласуваат партнерите иако се во коалицијата, но како тоа се одразува е друга работа. Сега за сега без разлика на сите различни ставови што се искажани, она што доаѓа од Влада доаѓа усогласено, доаѓаат како заеднички предлог од Владата и во тој контекст нема сигнали од едниот или од другиот во Собранието преку пратениците би требало да се попречи ова или тоа. Ако веќе се има дебата мислам дека за демократијата е здраво да се има таква дебата и внатре во коалицијата затоа што тоа ги зацврстува и институциите. И во тој контекст можеби некој од друга перспектива ја гледа како нешто негативно, како нешто што не би требало но таму нема општа послушност по однос на одлуките. Влада, коалиција која и покрај разликите мора да изнајде да се издигне над себе.

Ова беше година на тешки одлуки за пратениците, почна со гласањето за уставните измени согласно договорот со Преспа, потоа следуваа промени во составот на пратеничките групи, имаше блокади на закони, преговори на работни групи, блокади на именување на раководни позиции… Од ваша перспектива каква беше работата на Собранието годинава?

Не само оваа година, и претходните година и половина односно две, Собранието работеше под специфични услови. Од онаа ситуација 2017 па надминувањето на таа ситуација, воспоставувањето на комуникација меѓу сите пратеници, воопшто генерално како мандат е еден од потешките, ако не и најтежок мандат во кој што се одвиваа многу работи којшто сигурно ќе остават историски белег во работата на Собранието, во смисла на она што го начнавте и вие, доста тешки одлуки кои требаше да се реализираат и мислам дека со трпелива работа успеавме да ги надминеме, да ги слушаме сите разлики. По однос на дебатата, дадовме соодветно време на сите кои што требаа да учествуваат во таа дебата, соодветно мислам дека се земаа предвид поголемиот дел од укажувањата и од спротивните ставови и со тоа фактички успеавме да го заокружиме носењето на битните одлуки и проекти кои беа пред нас. Секако останува времето како што ќе одминува да даде соодветен суд за сето што е сработено. Во овој момент перцепцијата е дека сме ги сработиле сите оние обврски кои беа пред нас. Впрочем и самата констатација во однос на оценувањето на прогресот за пристапување на напредокот на државата во интегративниот процес, оценка која ја добиваме од Европската комисија секоја година, таа оценка за Собранието е, ако може ученички или наставнички да се каже, одлична. Тоа може да се види и од Извештајот. Тоа е она што ни потврдува дека сме биле соодветно ангажирани на ниво на одговорност на задачите, без оглед што индивидуално можеби имало место и да се критикуваат дел од пратениците и тоа е добро да се каже за да може да се обезбеди функционалноста на институцијата. Во тој контекст, морам да кажам дека во позитивна смисла, во придонесот за функционалноста на Собранието има и учеството на опозицијата во работата на Собранието, во обезбедување услови за работа на Собранието во смисла на кворумот во ситуации кога било потребно така што како нешто позитивно мора и чувствувам одговорност тоа и јавно да го кажам, но како појава, како настан, како активност што се одвива во Собранието би требало да се истакне како позитивно, за да биде поттик за новите состави без оглед на разликите што ги имаат во однос на нештата. Сепак треба да си најдат сили меѓу себе да се координираат, да соработуваат, а се тоа со цел функционалноста и стабилноста на институцијата како Парламент, а не во смисла на она што е тесно партискиот интерес изразен во политичките партии.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e