Во гостување во емисијата „Бизнис 21“, на Тв 21, економскиот аналитичар Горан Рафајловски изнесе став дека платите на министрите треба значително да се зголемат, со цел да се намали просторот за корупција и да се зголеми одговорноста во извршната власт.
Тој нагласи дека јавноста често се фокусира на висината на политичките плати, што, според него, придонесува за негативна перцепција и недоверба во институциите.
„Мора да се сопре со тоа колкави се платите на политичарите. Ако сакате да нема крадење, тогаш треба да се платат. И да има награда ако донесе некоја голема инвестиција и да сработи цел проект, да има награда… Па и милијарда евра да донесе, да му се даде награда. Платите, според мене, не смеат да бидат помали од 10.000 евра“, изјави Рафајловски.
На дополнително прашање дали мисли на сите функционери, тој појасни дека станува збор за министри, додавајќи дека мора да постојат и строги санкции за корупција.
„Ако краде, ако е коруптивен, тогаш минимум 20 години затвор. Ќе видите дека државата ќе има помал трошок“, додаде тој.
